По шеснаесетти пат крушевчани, денес точно напладне, со рози ги пречекаа маратонците што од Нова Градишка трчаа до Крушево, во чест на Тоше Проески.
Но не само тие, цела Македонија, Балканот, па и пошироко, се сеќава на овој тажен ден на нашиот ангел, Тоше Проески, чија животна врвица ненадејно беше прекината на 16 октомври 2007 година, во тешка сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска. И верувам нема човек денес кој барем една мисла не упати за прерано починатиот живот на 26-годишниот вонсериски талент и голем хуманист, кој беше на прагот на светска кариера.
На 14 октомври, заедно со маратонците во Нова Градишка беше и градоначаникот на Крушево Томе Христоски, кој беше пречекан од градоначалникот на Нова Градишка Винко Гргиќ, заменик-градоначалник Борислав Видочиќ, како и на фановите на нашиот Тоше.
– Чест ми беше заедно да го отвориме ултрамаратонот по повод 16-годишнината од сообраќајната несреќа на Тоше и да ги испратиме маратонците кон Крушево. Заедно продолжуваме да работиме, соработуваме на разни сфери од општественото живеење и на промоција, како заштита и негување на името на Тоше Проески. Несреќата на големата балканска музичка ѕвезда и наш сограѓанин Тоше Проески не спои не само како општини, туку и како пријатели. Она што Тоше го направи во својот прекраток живот тешко дека ќе биде повторено некогаш. Правеше добри дела во неговиот живот, а она што ни го остави не поттикна да создаваме нови пријателства. Драго ми е што навистина се зближивме со општината во чија близина се случи трагичната сообраќајна незгода. Жал ми е што поводот е тажната судбина на Тоше Проески, но нашиот пејач отсекогаш познавал само пријателство, толеранција и неговото дело не обединува. И по неговата смрт неговите дела не поттикнуваат да шириме само обединетост и љубов – напиша Христоски на својот профил на Фејсбук.
Во Нова Градишка на испраќањето на маратонците беше и македонскиот амбасадор Милаим Фетаи. Маратонците се упатија за Крушево на 14 октомври во 17 часот. Ги испратија голем број собрани граѓани.
Еден од првите маратонци, Наум Капричевски на Фејсбук денес напиша емотивна порака:
– Твоето име е Љубов. И за тебе смртта не е крај, Сину Божји. Со твоите искрени зборови „Ве сакам сите”, засекогаш ќе живееш во нашите срца. Ти си македонски славеј со кого се гордееме. Ангелски глас кој постојано ќе одекнува од небеските пространства да нè потсетува на твојот насмеан лик и благородно дело. Пламенот на свеќите помешан со нашите солзи ќе раѓа легенда. Мало светло на земјата згасна, големо на небото се запали. Остави златна трага на незаборав. Вечна ти слава, Маестро! – напиша маратонецот кој со години трча за Тоше.
А во Крушево денес, исто како и на испраќањето од Нова Градишка, маратонците ги пречека убав сончев октомври ден и голем број крушевчани , со црвени рози во рацете, традиција што трае веќе десетина години, помогната од локалната самоуправа, познати компании и од хуманите жители на родното место на Тоше.
И учениците и наставниците од основното училиште „Никола Карев“ беа дел од пречекот.
– Уште едно октомвриско утро, шеснаесетто по ред, без тебе… А ние, на истото место како и лани, со нови генерации на ученици, кои чекорејќи со рози во рацете достоинствено го чуваат споменот за тебе, иако повеќето слушнале за тебе само од сликите, видеата, песните… Пред 16 години, на овој ден, се слушаше плач по крушевските улици, тагуваше и старо и младо, тагуваше целиот Балкан, по тебе, Тоше наш. Потајно, и денес секој тагува и тивко плаче, но погласна е песната, твоите стихови испеани токму од твоите најголеми фанови, децата, кои толку многу ги сакаше. Тоше, вечно ќе живееш во нашите најубави сеќавања – напишаа тие на профилот на училиштето на социјалната мрежа Фејсбук.
Инаку, во Крушево дојдоа и голем број обожаватели на Проески од целиот Балкан: од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватсла, Словенија, Бугарија, Русија…., па и од Турција.
– Македонија и Македонците се благословени поради тоа што во Крушево се родил Тоше Проески , а јас сум благословена поради тоа што живеам во времето во кое живеел тој, зашто ги знам неговите песни. Музиката а аТоше ги спојува луѓето од целиот свет и на некој начин го прави подобро место з аживеење. А нашата љубов, на обожавателите на Тоше расте секоја година се повеќе и повеќе. Ние со своите милион молитви го чуваме од заборав! – ни рече Оксана Рујаноска, голем фан на Тоше од Благоевград, Бугарија.
И во регионот денеска се организираат разни настани за Тоше Проески, а српската Прва телевизија вечерва премеирно ќе емитува емисија што ја сними пред неколку месеци новинарката Катарина Миловановиќ, разговарајќи со голем број соговорници и посетувајќи ги местата кои беа значајни за балканскиот ангел. М.Т.