Во времиња како овие, слободата на уметноста е загрозена. Во времиња како овие, загрозена е и слободата на филмската уметност. Но тоа не е сè. Во времиња како овие, следната генерација режисерки и режисерки понекогаш ја обзема страв. Тие не се плашат дека ќе потфрлат како режисерки и режисери, не, не се работи за таков страв. Туку се плашат дека ќе создадат погрешен филм, имено филм што за некого е правилен филм, а кој според владејачкиот дух на времето и според тие што ни го диктираат духот на времето е погрешен филм, рече во своето обраќање годинешниот лауреат на МФФ Киненова, австрискиот режисер, сценарист и продуцент Улрих Зајдл.
– Имено, духот на времето, кој е меѓу нас и кој лебди над нас, има за цел да ја подучи кинопубликата, и тоа да ја подучи и да ја преобрати на таков начин што ќе одговара на неговите ставови и светогледи. Во смисла на моралот – а мора да се признае, и во смисла добронамерноста – овој дух на времето – има за цел да ја лаже, да ја мами и да ја заблудува публиката, затоа неговите претставници мислат дека се на страната на честа, имено на страната на моралот, и тоа на страна на правилниот морал. Тие чувствуваат дека го имаат тоа право и се сигурни во тоа. Знаат што е правда, а што е неправда, знаат кои се добрите, а кои се лошите.
Зашто во времиња како овие, еден филм е само тогаш правилен, скапоцен, а со тоа и подобен, ако креира посакуван свет што се претставува како животна стварност, макар што воопшто не одговара животна стварност. Во времиња како овие мора да се прикрие животната стварност за да се создаде политички правилен свет, кој не е отслик на вистинскиот свет, туку е диктат во смисла на т.н. добри луѓе, а е и догма што не смее да се преиспитува затоа што догмата во смисла на добрите луѓе е добра догма.
Значи, следната генерација режисерки и режисери не ги обзема само страв, туку кај нив едновремено провејува и самоцензурата. Човек се цензурира себеси, си ги цензурира идеите, приказните и граѓата, станал претпазлив. Има желба да го задоволи духот на времето, се плаши од моќта на општествените медиуми, со кои не сака да се замери. Човек не сака да направи нешто погрешно зашто сака да создаде филм, а сака да постигне и успех со филмот што би го создал.
И затоа што човек сака да создаде филм и не сака да направи нешто погрешно, тој си се подредува себеси и си ги подредува приказните и ликовите, за да биде сè правилно, имено во смисла на духот на времето и секако во смисла на институциите што ја поддржуваат филмската продукција, во смисла на радиодифузиите, на жиријата и на комисиите за селекција на филмови – рече Зајдл.
Тој изрази голема благодарност за наградата.
– Би сакал најсрдечно да му се заблагодарам на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ и на неговиот директор Небојша Јовановиќ што сум денеска одликуван со Наградата за животно дело. Наградата ми претставува голема чест и голема радост и особено признание на мојата досегашна филмска дејност. Инаку, секако се надевам дека моето „животно дело“ сè уште не е завршено. Се надевам дека ќе продолжам да ги создавам токму оние филмови што сакам да ги создадам. Филмови за кои се чувствувам обврзан да ги создадам, филмови што брануваат и предизвикуваат немир
Според тоа, оваа Награда ја разбирам како повик да продолжам да предизвикувам немир – рече Зајдл, примајќи го признанието за животно дело.
Македонскиот филм „Јон Вардар против Галаксијата“ на режисерот Гоце Цветановски на отворањето ја имаше својата премиера. Оваа бескрајно имагинативна филмска анимација е всушност првиот долгометражен анимиран филм во Македонија.
Филмот ќе биде дел од главната натпреварувачка програма на „Киненова“ 2024, натпреварувајќи се со уште 5 други филма за наградата гран при, најдобар филм на деветтото издание на фестивалот.
Наредните денови публиката ќе има можнот да ужива богата програма која ќе изобилува со неверојатни, субверзивни и дефинитивно непознати филмски приказни. Покрај шесте филма во главната програма каде ќе има филмови од: Израел, Хрватска, Грција, Иран, Црна Гора и Северна Македонија, за првпат во нашата земја ќе се претстави и финската кинематографија, а ќе може да се проследи и творештвото на лауреатот Улрих Зајдл преку филмовите од неговата филмска трилогија „Рај“.