Претставата „Ученикот“ според текст на Мариус фон Маербург, во режија на Кирил Петрески, премиерно беше изведена во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Текстот е доста провокативен и е од германски автор што ги поставува прашањата за природата на комуникацијата, за семејниот и образовниот систем против личниот избор.
– Претставата „Ученикот“, според драмскиот текст „Маченик“ од Мариус фон Маербург, со кратки сцени, со филмски јазик, ги прикажува современите предизвици на младата генерација. Во време на екстремности, политички, културолошки и социјални, една млада личност се спротивставува на противречностите на општеството. Својот начин на борба го одбира во религиозниот фанатизам. На тој пат, прво се судира со своето најблиско опкружување: со своето семејство, со професорите во училиштето, со учениците со кои учи. Новата генерација, генерацијата зет, барајќи се себеси во еден чудесен нов свет, кој ги изгубил својот центар, моралните вредности, семејството, религијата, целосно незаштитена е изложена на влијанија од сите страни. Таа станува лесна цел за манипулација и плен на фанатици од политичка, религиозна, квазиполитичка и квазирелигиозна провениенција. Губејќи ја врската со традицијата и семејството, оставена сама на себе, целосно неподготвена за она што ја очекува, ранлива и дезориентирана, стои изложена на нападите на потрошувачкото општество. Ова нѐ потсетува, исто така, дека цивилизациските, индивидуалните и политичките придобивки како слобода и демократија не се засекогаш, дека ги земаме здраво за готово. Забораваме дека многу лесно можеме да ги изгубиме нив ако не ги браниме доволно храбро, доволно силно и дрско и бескомпромисно и со уште поголема вера во нив од оние што ја чекаат својата шанса да ни ги одземат – вели режисерот Кирил Петрески.
Во претставата играат Зоран Иваноски како Ученикот, Марија Спиркоска Илијеска, Александар Тодески, од ансамблот на театарот и младите надежни таленти Лора Штарго, Наум Ѓорѓиески, Димитар Паскоски, Марија Талеска и Иво Јездиќ. Сценографијата и плакатот се на Владо Ѓорески, костимите ги изработи Александар Џинго, а за музиката е задолжен Серафим Чернит.
Ова е последна премиера на театарот „Војдан Чернодрински“ за 2024 година, поддржана од Министерството за култура и туризам.
Ка.М.