Двојазичен избор од македонскиот поет промовиран во Љубљана
Двојазичниот обемен избор од поезијата на Ацо Шопов, „Златен круг на времето“, кој неодамна излезе во Словенија, беше промовиран во саботата, во „Витешка дворана – Крижанке“, Љубљана, престижен архитектонски комплекс прогласен пред десетина години за споменик на културата од национално значење.
Кон значењето на промоцијата на македонската култура во светот се осврна и Иван Антоновски, кој ја претставуваше фондацијата „Ацо Шопов – поезија“, во својство на нејзин прв стипендист. Цитирајќи познат стих од Шопов, Антоновски изјави дека „Златен круг на времето“ е капитално издание не само за македонската култура и не само за мостовите меѓу македонската и словенечката култура туку и за поезијата и за културата воопшто.
– Секогаш кога се соочуваме со различни напади или негирања, не само творештво од форматот на она на Шопов туку и едно вакво издание што преку препевите на неговата поезија го потврдува и интересот и посветеноста на македонскиот јазик во странска јазична и културна средина е не само одбрана туку и најсоодветна негација на негациите – истакна Антоновски.
Во присуство на голем број посетители, меѓу кои покрај претставниците на македонската дијаспора се наоѓаа и писатели, преведувачи, членови на Словенечката академија на науките и уметностите, универзитетски професори и студенти, стихови од Шопов инспиративно читаа Соња Цекова Стојаноска и Намита Субиото, раководителка на Одделот за славистика на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, кој ја организира промоцијата во соработка со Сојузот на македонските културни друштва од Словенија, издавач на книгата.
Во публиката беше забележан и Матеј Минати, син на првиот препејувач на Шопов на словенечки, чии препеви беа објавени во првата книга од македонски автор објавена во Љубљана во 1957 година, „Слеј се со тишината“.
– При одбележувањето на „Годината во чест на Ацо Шопов“, по повод 100 години од неговото раѓање, во 2023 година, ни се стори логично да се вклучиме во овој значаен јубилеј со објавување двојазичен избор од неговата поезија и со него да потсетиме на одличните словенечки препеви на поети како Богомил Фатур, Иван Минати, Цирил Злобец, Северин Шали и Јоже Шмит, но и да ги претставиме и најновите препеви – изјави Намита Субиото, која е приредувачка на изборот книгата и, заедно со Маја Ковач и Соња Цекова Стојаноска, авторка на најновите препеви.
Иницирана во јануари 2023 година, во рамките на третата Зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, книгата е објавена во годината кога се навршуваат осум децении од прогласувањето на македонскиот јазик за службен јазик во современата македонска држава и од објавувањето на првата поетска книга во слободна Македонија, „Песни“ од Шопов.
Првиот говорник на промоцијата беше Бранислав Тасков, претседател на Сојузот на македонските културни друштва од Словенија, кој во рамките на одбележувањето 30 години постоење ја издаде книгата „Златен круг на времето“, со финансиска поддршка од спонзори и од Јавниот фонд за културни дејности на Република Словенија. Потсетувајќи дека ова е прва книга од ваков вид издадена надвор од границите на Македонија, бидејќи во неа, покрај ликовните дела на академскиот сликар Боге Димовски, кој живее во Крањ, се застапени повеќе генерации преведувачи на Шопов, Тасков изрази надеж дека ваквата пракса ќе продолжи и дека овој проект ќе послужи како пример во иднина.
Како директен сведок на тој ентузијазам и учесник во проектот, нашиот амбасадор во Словенија, Горан Милевски, го почна своето обраќање со стихови од „Очи“ од Ацо Шопов, привлекувајќи го вниманието на публиката кон влогот на поетот во остварувањето на сонот за македонска држава, како и кон улогата што книгата „Златен круг на времето“ објавена во Словенија може да ја одигра во образованието на младите генерации. В.Д.