Организацијата „Факултет за работи што не се учат“ во соработка со мрежата „Награди за млади визуелни уметници“, резиденциската програма од Њујорк, по осумнаесетти пат го организираше процесот за доделување на наградата „Денес“ за млад визуелен уметник во Македонија до 35 години. Наградата се доделува на годишно ниво на исклучителна и истакната тековна уметничка практика, која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување. Оваа значајна и независна награда, покрај двомесечната програма за престој на уметници во Њујорк во 2025 година, од минатата година, во која го одбележа и своето 20-годишно постоење, вклучува и други новини и резиденции.
Отворениот повик траеше од 16 април до 31 мај, и се пријавија дваесетина кандидати. Комисијата во состав: Сања Анѓелковиќ, аудиовизуелна уметница со седиште меѓу Нови Сад и Виена; Ксениа Нурил, историчарка на уметноста и кураторка, и Ана Франговска, историчарка на уметноста и кураторка, виша кустоска во Националната галерија на Македонија, избраа тројца финалисти што понатаму ќе се натпреваруваат за наградата.
Во изборот на тројца финалисти влегоа: Јован Јосифовски, Марко Гутиќ Мижимаков и Ивана Самандова.
По овој процес на избирање на финалистите, следува подготовка на групна изложба со нивни дела, која ќе се отвори на 19 ноември во Националната галерија на Македонија, а жирито ќе го избере и добитникот на наградата. Досегашни добитници се: Ѓорѓи Десподов/ Клелија Живковиќ/ Бурџу Мусли, Ивана Мирчевска, Елена Чемерска, Верица Ковачевска, Зорица Зафировска, Иван Ивановски, Филип Јовановски, Велимир Жерновски, Илија Прокопиев, Кристина Божурска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ана Ивановска, Борис Петровски, Атанас Ботев, Далибор Тренчевски, ОПА (Опсесивна посесивна агресија) и Славица Јанешлиева.