Документарниот филм „Приказната за Силјан“, откупен за глобална дистрибуција од „Нешнал џиографик документари филмс“, продолжува да го зацврстува својот меѓународен успех. Филмот, во режија и продукција на Тамара Котевска, заедно со директорот на фотографија и продуцент Жан Дакар, доби уште едно од најзначајните признанија во документарниот свет, номинација за наградите ПГА (Producers Guild of America), во категоријата за извонреден продуцент на документарни филмови.
Ова признание има особена тежина затоа што ПГА наградува автори што преземаат повеќе функции во создавањето на филмот и се изложуваат на големи и често натчовечки напори за да реализираат автентично документарно дело. Во документарниот свет, каде што авторите често се и режисери и продуценти и сниматели и истражувачи и теренски координатори, ваквото признание е потврда за нивната целосна посветеност.
Последниве два месеца низ светските премиери стана јасно што стои зад создавањето на „Приказната за Силјан“. Филмот е резултат на три години снимање во екстремни услови, живот на терен, спиење на депонии во приспособено комбе за живеење (трејлер), денови и ноќи поминати со протагонистите и локалните заедници, долги периоди на чекање на штрковите и нивните миграции и работа без формален буџет или традиционална продукциска инфраструктура. Во тој процес ПГА ги препозна издржливоста, креативната храброст и пожртвуваноста на Тамара Котевска и Жан Дакар, кои ја носеа тежината на филмот во секоја негова фаза. Тие се пример за филм создаден во целост од авторите, каде што креативната визија, продукциската организација и физичката работа се спојуваат во единствен авторски потпис.
– Оваа номинација за награда може вистински да ја разберат само оние што навистина го живеат филмот. За нас ова признание е за сите денови, ноќи, жртви и години посветени на оваа приказна, за животот на терен, за довербата што ни ја дадоа протагонистите и за моментите кога камерата престана да биде камера и стана дел од светот што го снимавме – велат Тамара Котевска и Жан Дакар во заедничка изјава.
Процесот на снимање не бил само технички предизвик туку и длабоко човечко вкоренување во средината што ја документираат. Со месеци поминати со протагонистите, следејќи ги нивниот живот и ретката врска со белите штркови, камерата постепено престанала да биде забележлива. И луѓето и штрковите природно се навикнале на нејзиното присуство, прифаќајќи ја како дел од секојдневието. Овој ненаметлив пристап, изграден врз доверба, време и човечка близина, е препознатливиот печат што Котевска и Дакар го оставаат во своите документарни филмови, овозможувајќи приказните да се развиваат органски и искрено.
Филмот веќе се вброи меѓу најрелевантните документарни остварувања на годината по двете освоени награди на ИДА Документари авордс за најдобар документарен филм и најдобра камера, како и по премиерите на најголемите светски фестивали, меѓу кои Венеција и Торонто, и големиот број проекции низ САД, Канада и наскоро во Британија. Откупот од „Нешнал џиографик“ дополнително ги засилува неговото глобално присуство и поддршка во тековната оскаровска кампања.