Агенцијата за филм на Македонија ги објавува резултатите од вториот рок на одлучување по Конкурсот за финансирање проекти за производство на долгометражен и краткометражен игран, документарен и анимиран филм за 2025 година. Со овој конкурс, Агенцијата за филм продолжува со поддршка на млади и перспективни автори, како и на нови режисерски и продукциски гласови, кои го развиваат својот авторски израз и придонесуваат кон динамичен и современ развој на националната кинематографија.
– Посебен фокус е ставен на проекти што носат свежи теми, нови естетики и современи авторски пристапи. Истовремено, во вториот рок се воспоставува јасен баланс меѓу поддршката на младата генерација и континуитетот на етаблирани филмски работници и режисери со значаен професионален и авторски опус. Оваа година, преку вториот рок на конкурсот, се поддржани етаблирани филмски работници и режисери со значаен авторски и професионален опус, како и звучни имиња од домашната и регионалната филмска сцена, меѓу кои се Радован Петровиќ, Изер Алиу, Марија Апчевска, Кумјана Новакова, Саша Станишиќ, Лидија Мојсовска, Ана Јакимска и Ивица Димитријевиќ. На овој начин се овозможува стабилност во развојот на македонскиот филм, но и отворање простор за нови автори како Тина Величковиќ и Ханис Багашов, кои се дел од новата генерација филмски творци – велат од Агенцијата за филм.
Во рамките на конкурсот се поддржани и четири долгометражни играни филмови во меѓународна копродукција, со партнери од Албанија, Србија, Словенија и од Црна Гора, што претставува продолжување на воспоставената меѓународна соработка и размена на креативни и продукциски искуства и зголемување на меѓународната видливост на македонските филмски проекти. Поддржаните проекти се одликуваат со висок уметнички потенцијал и се очекува во наредните години да бидат реализирани и прикажувани на домашни и релевантни меѓународни фестивали, со што ќе придонесат кон афирмација на македонската кинематографија и нејзиното позиционирање во поширокиот европски и регионален културен контекст.
Вкупниот износ на доделени средства во вториот круг за 2025 година изнесува 97.300.000 денари. Агенцијата за филм останува посветена на стратешка поддршка на авторски, иновативни и копродукциски филмски проекти, со фокус на одржливиот развој, генерациската рамнотежа и јакнењето на меѓународната соработка.

































