фото: З.А.

Со средства обезбедени од Министерството за култура во износ од 196.000 денари, во наредните три дена во Кичево ќе биде организирана културно-забавна и уметничка програма, во која ќе учествуваат повеќе ученици од локалните основни училишта, а беа пречекани и учесниците на ултра- маратонот на релација Велес – Кичево- Лопушник.

фото: З.А.

– Програмата која ќе биде реализирана по повод 82-годишнината од смртта на големиот поет Коста Рацин, започна денес во текот на претпладнето, кога на платото пред Центарот за култура „Кочо Рацин“, беа пречекани ултра-маратонците кои ја трчаат маршутата долга 150 километри од Велес преку Кичево до планината Лопушник. Пречекот на ултра-маратонците се случи околу 10 часот на градскиот плоштад во Кичево. Програмата продолжи со културно-уметничка програма во која талентирани деца цртаа, рецитираа, додека за забавата беше задолжена локална музичка група – истакна Мики Петрески и ја потенцира програмата што треба да се реализира во преостанатите два дена.

фото: З.А.

– На 13-ти jуни ќе биде посетен споменикот на Лопушник подигнат во чест на Рацин, како и спомен-обележјето поставено на местото каде пред 82 години загина големиот поет. На местото на погибијата наставничката Виолета Петкоска од ЦОУ „Христо Узунов“ од село Другово, ќе одржи историски час, а наставничката од истото училиште Ивана Витанска ќе чита песни од збирката на Рацин „Бели Мугри“.

фото: З.А.

Во недела 15-ти јуни ќе се реализира традиционалниот планинарски марш до Лопушник во кој ќе земат учество ПСД „Бистра“ и ПЕД „Ендорфин“ од Кичево, „Грин Пауер“ од Велес, а ќе има планинари од Битола, Охрид, Прилеп и Скопје – додаде актерот Михајло Петрески, кој подготви проект поврзан со овој историски настан.

З.А.