Проекција на три краткометражни филма на Луис Буњуел ќе се емитуваат вечерва во летното кино „Мирно лето“ во Кинотека на Северна Македонија со почеток во 21 часот, а во рамки на Филозофскиот филмски фестивал.
Публиката ќе има можност да ги види „Андалузиски пес“(1929), „Земја без леб“ (1932) и „Симон Пустиникот“ (1965).
Пред проекцијата, поздравни обраќања ќе имаат директорката на Филозофскиот филмски фестивал, Ана Дишлиеска Митова и амбасадорот на Кралството Шпанија во Скопје, Н.Е. Хосе Луис Лосано Гарсија. По проекцијата е предвидено излагање на Ернесто Хедереро дел Кампо (Шпанија) на тема „Буњуел и шпанската култура“, како и дискусија со присутната публика.
Во рамките на „Ретроспективата Буњуел“ бидат прикажани девет филма во седум фестивалски вечери. Наредните денови ќе можат да се погледнат и филмовите: „Виридијана“ (1961), Ангелот истребувач“ (1962), „Дневникот на една собарка“ (1964), „Убавицата на денот“ (1967), „Дискретниот шарм на буржоазијата“ (1972) и „Тој мрачен предмет на желбата“ (1977).
Секоја вечер е предвиден и соодветен вовед или излагање од еминентни професори или професионалци од областа на филмот, философијата, филм-философијата, уметноста, филмската критика итн. Па така, публиката ќе има можност да дискутира и со: Стојан Синадинов (филмски критичар и соработник на Кинотеката), Луис Мартин Ариас (професор по филм, историја на филм, комуникација и аудиовизуелна индустрија на Универзитетот во Ваљадолид, Шпанија), Златко Ѓелески (писател и филмски, музички и книжевен критичар), Даријан Пејовски (македонски режисер), Мариглен Демири (философ и активист), проф д-р Јасна Котеска (писателка, философ и редовна професорка по хуманистика на УКИМ).
Сите настани од „Ретроспективата Буњел“ ќе се одржуваат во Кинотека со почеток во 21 часот.