„Зрно“ од година на година расте и како единствен фестивал од ваков тип ја впишува Македонија на културната мапа на светот
Фестивалот „Зрно“ годинава го има своето трето издание, а за почеток на фестивалот во Темишвар, Романија, беше поставена изложба на дела настанати на минатогодишните работилници за благородни фотографски процеси, кои се одржаа во селото Цапари во прекрасниот простор на семејството Филевски.
Годинава, како што најавуваат организаторите, „Зрно“ има уште побогата и поквалитетна програма. Во мултимедијалниот центар „Мала станица“ е отворена меѓународна изложба на аналогна фотографија. Делата, испратени на отворен повик, се избрани од деветчлено меѓународно жири и претставуваат своевиден пресек на современите текови во светската фотографија. Претставени се над дваесет автори од целиот свет.
– На 10 јули (среда) во галеријата на ФЛУ, „Сули-ан“, во 20 часот, ќе се отворат две авторски изложби, и тоа „Форма“ на Наталија Копкина, Хелсинки, и избор на дела на Бабакк Хаџи, Техеран. Двајцата современи алтернативни автори. На 12 јули, во Монтажната галерија, во Паркот на франкофонијата, во 20 часот, ќе се отвори авторската изложба „Еден“ на Тијана Борбељ од Нови Сад – најавуваат организаторите на „Зрно“.
Носечката активност на „Зрно“ и она што го прави единствен фестивал во светот – работилниците за алтернативни, благородни фотографски процеси, годинава ќе се одржуваат во селото Смилево, односно во смилевскиот манастир.
– Гости ментори ќе бидат едни од најголемите експерти во глобални рамки за соодветните постапки, кои ќе ги споделуваат со учесници од цела Европа. Ретка можност за вистинските вљубеници во автентичната фотографска уметност да научат нешто од авторитети со светско реноме. Веројатно досега во Македонија (а и пошироко) не се случило да бидат во исто време и место такви имиња – истакнуваат од „Зрно“.
Ментори на „Зрно“ оваа година ќе бидат: Миша Кескеновиќ од Словенија, врвен авторитет за многу благородни фотографски постапки, Михаел Лаубш од Австрија ќе ја води работилницата за течна фотографска емулзија, Ивана Томановиќ од Србија е традиционално задолжена за класичната црно-бела лабораторија, Стиг Марлон Вестон од Норвешка ќе ја води работилницата за еколумент-принтови и др.
– На работилниците има повеќе пријавени од странство отколку домашни учесници, што е своевиден куриозитет, иако, за наши луѓе „Зрно“ нуди посебни повластени услови, а тоа го прави за да ја зајакне домашната фотографска сцена – подвлекуваат организаторите.
Во Смилево ќе се одржат и две изложби, на Миша Кескеновиќ и на фотоклубот „Ирис“ од Темишвар. Изложбите ќе се одржат на отворено, ќе има и проекција на филм, во соработка со „Македокс“ и манифестацијата „Смилевски конгрес“ – Смилево, Демир Хисар и други, придружни активности. По завршувањето на работилниците за благородни фотографски процеси во Смилево, ќе биде поставена изложба на избрани дела настанати на работилниците. „Зрно“ од година на година расте и како единствен фестивал од ваков тип ја впишува Македонија на културната мапа на светот. С.Ј.