Третата вечер од програмата „Планински филм на ридот“, која киното МСУ ја реализира во соработка со фестивалот на планински филм ЕХО, ќе се одржи вечерва, со почеток од 19 часот, во џебното кино на музејот. Ќе може да се проследи проекцијата на филмот „Спелеонаут / Под каменото небо“ на Соња Џекиќ од Србија, од 2018 година.
– Во предвечерјето на човековото освојување на Месечината, во летото 1969 година, 34-годишниот Милутин Вељковиќ започна со неговиот планиран 15-месечен престој во двокилометарска пештера во Србија. Вељковиќ не беше заинтересиран само да го надмине рекордот за најдолг престој во пештера дотогаш, туку воопшто – да навлезе во универзумот на длабочината.
Овој неверојатен потфат се открива од надворешниот свет, преку серија портрети од интересни карактери што се поврзани со Вељковиќ – е содржината на филмот.
Вториот филм е „Слобода под товар“ на Павол Барабш од Словачка, од 2016 г.
Со стотина килограми на своите грбови, носачите се соочуваат со невремиња, бури и длабок снег. Нивната умешност не е само професија туку и нивен сопствен начин да најдат мир. Во овој документарец, ќе имаме можност да се запознаеме со најстарата генерација носачи во Високите Татри, кои со товар се качуваат по планините и вршат достава на разни потрепштини за домовите секој ден.
Капацитетот на киното е за 60 луѓе, а влезот е слободен.