Центарот за култура во Битола ги најави годишната програма и концертот „Засекогаш во срцата“. В.д. директорот Влатко Илиевски и диригентот Владимир Димовски ги претставија деталите за претстојниот концерт „Засекогаш во срцата“, кој требаше да се одржи на 22 март (саботата) во големата сала, но поради трагедијата во Кочани беше одложен. Во очекување на новиот термин да потсетиме дека станува збор за седмиот традиционален концерт на Камерниот оркестар на Битола, кој годинава ќе биде посветен на Тоше Проески. Оркестарот на концертот ќе ги свири најголемите хитови на Тоше заедно со гости солисти.
„Засекогаш во срцата“ е концерт посветен на Тоше – нашата најголема поп-икона, чиј живот, за жал, прерано заврши. Во претходните години концертот им го посветувавме и на други ѕвезди, како Пепи Бафтировски, Драган Каранфиловски-Бојс, Аки Ракимовски, но годинава тој му е посветен исклучиво на Тоше. Настапуваат: Ѓоко Танески, Наде Талевска, Димитар Андоновски, Ана Петановска, Горан Наумовски, Бојан Стојков, Мина Блажев, Јасна Димитровска, Марија Митровска, Ангела Илиевска и хоровите „Битвокс“ и „Тин Попрокет“.
За првпат годинава ќе биде изведена песната „За овој свет“ со деца од заводот за рехабилитација за деца со оштетен слух и говор „Кочо Рацин“ и од центарот „Порака“, кои ќе ја изведат со знаковен јазик.
Илиевски ја претстави и годишната програма за 2025 година, поддржана од Министерството за култура и туризам. Во областа на драмската дејност ќе се одржат 26. Интернационален фестивал на монодрама – Битола, гостување на Македонскиот народен театар од Скопје со претставата „Иванов“, од А.П. Чехов, во режија на Зоја Бузалковска, во областа на инвестициско одржување, осигурување, адаптација и набавка на опрема, ќе биде направена замена на киноплатното во големата сала, а во областа на музичката и музичко-сценската дејност ќе се одржи концертот „Патување низ ехото на предците“ на Филхармонијата, со диригентката/солистка Анна Кондратенко.