Годинава се одбележуваат 30 години од првото одржување на традиционалниот концерт по повод празникот Василица, кој првично беше презентиран како програмски концепт во 1995 година на сцената на МОБ
На 11 и 13 јануари 2025, со почеток во 20 часот, ќе се одржи Традиционалниот концерт по повод празникот Василица. Годинава се одбележуваат 30 години од првото одржување на традиционалниот концерт по повод празникот Василица, кој првично беше презентиран како програмски концепт во 1995 година на сцената на МОБ и низ годините потоа стана препознатлив, популарен и еден од најпосетените настани кај нас.
– Традицијата ќе продолжи и годинава, па така, нашата верна публика ќе има можност да ужива во изведбите на некои од највпечатливите и најпопуларни арии и дуети од светски познатите дела од композиторите Џ. Верди, Ф. Чилеа, Џ. Пучини, П. Маскањи, Г. Доницети и други. Под диригентската палка на гостинот од Шпанија, Оливер Диаз, врвен диригент, добитник на голем број престижни награди и признанија, ќе настапат гостите од Шпанија Ирене Палазон, сопранистка, и Хозе Луис Сола, тенор, заедно со оркестарот на Националната опера и балет – велат од НОБ.
Ирене Палазон, сопранистка од Шпанија, позната по својата изразена вокална техника, има кариера што вклучува настапи на водечки оперски сцени во Европа и е препознатлива по својот чист тон, техничка прецизност и емотивна изведба. Палазон е позната по своите улоги во оперите како „Травијата“, „Кармен“ и други класични и современи дела. Со време, таа го изградила своето име како една од водечките шпански сопранистки, со настапи во некои од најпознатите театри во Шпанија и пошироко.
Хосе Луис Сола е познат шпански тенор, кој своето музичко образование го започнува во Детскиот хор во Навара, а потоа продолжува со усовршување на техниката на пеење под менторство на познатиот тенор Рикардо Висус. Неговата кариера вклучува настапи во различни оперски и симфониски дела, а тој се истакнува со својата разновидност во класичниот и оперски репертоар, со посебен фокус на дела од Моцарт, Доницети, Верди, Бизе, Гуно и други. Сола има настапувано на престижни сцени и со различни оркестри, освојувајќи признанија за своите моќни и емоционални изведби. Познат е и по своите настапи во светот на сакралната и хорската музика, што го збогатува неговиот опус.