Рецензија

Танас Дедов (Кочани 1947) е тивок и длабок уметнички карактер. Неговата уметност одлично се вклопува во креативната струја што Гастон Башалар ја дефинира како „спонтана онтологија“, работа на битието според диктатот на својот внатрешен ритам, слично на изворот што на ист начин ја изнесува длабочината на површина како негов говор. Тоа е законот на поривот, кој го магнетизира и тркала бранот на имагинацијата, без, како што би рекол Конески, да праша за неговата смисла, која отпосле се открива, откако тој ќе се обликува во уметничко дело.
Тоа е кус опис на внатрешните импулси на ликовната поетика на Танас Дедов. Неговата страст за сликарство уште од раната младост е евидентна, но никогаш не била претенциозно кариеристична и претенциозно амбициозна, туку спонтан израз на сопственото битие што сонува бои. Тој израз убаво се римува по аналогија со еден стих од најобоениот поет на европскиот експресионизам Георг Тракл: „Челото на Бог сонува бои“. Егзистенцијалните околности на Танас, далеку од центарот на културата Скопје, не му биле наклонети по мерка, но затоа тука бил како компензација талентот што му го подарил Господ. Сепак подоцна, десетина години по завршувањето на средното економско училиште, за да ѝ се приклучи рамноправно на уметничката струја и да се одлепи од провинцијата, тој се запишува на вонредни студии на Педагошката ликовна академија во Скопје. Но пак поради егзистенцијални причини ја напушта по година и половина, иако таму бил забележан неговиот исклучителен талент за сликарство. Пред сѐ од Димитар Кондовски, еден од корифеите на македонската модерна. Но таа ласкава оценка не го понела Дедов кон облаците на суетата за слава и амбициозна уметничка кариера. Напротив, тој му се препуштил спонтано на својот внатрешен порив за убавина како естетско битие што ужива во креативните плодови на својата имагинација.
Постојат неколку мотиви што се во средиштето на сликарството на овој спокоен и длабоко контемплативен уметник: портретот, роднокрајниот кочански пејзаж, староградската архитектура и мртвата природа. Тој е одличен портретист, меѓутоа многу ретко излага портрети на своите изложби. Повеќето нив, и за егзистенција, ги слика на грчките крајбрежни летувалишта и во Охрид каде што неколкупати сум го гледал како ги работи. Сум ги гледал неговите исклучително лирски потези со матисовски чисти линии и сугестивен психолошки израз на ликот.
Но, за некого можеби чудно, Дедов со најголема ликовна страст му се има посветено на мотивот мртва природа, натурмортот, кој е, се разбира, доминантен и на оваа мала ретроспективна изложба во Домот на културата во Кочани. Натурмортот и естетски и психолошки најубаво го открива пред гледачот неговиот тих и длабок сјај на битието што лачи убавина. Предметот тука имагинациски се опсервира однатре, а не однадвор, како онтолошки, а не како материјален факт.

Тука, во таквиот контекст на нештата, нам ни доаѓа на ум мислата на Леонардо дека најважно за сликарот е да ја изрази во делото „намерата на душата“. Да. А која е таа намера во уметноста на Танас Дедов? Тоа е намерата да се открие внатрешната жива слика на нештата што се предмет на уметниковата имагинација. Посебно нештата што се предмет на мртвата природа, натурмортот, кои треба да се оживеат од мртва во „жива природа“, да се истакне нивната естетска онтологија. А овој уметник го прави многу спонтано, прекрасно уметнички и онтолошки сугестивно тоа.
Овој мотив, посебно сега во постмодерната естетски конфузна епоха е потценет, но неговата генеза и вредност се класични. Во веќе отшумената епоха на европскиот модернизам, тој беше во имагинацискиот фокус на големи ликовни имиња какви што се: Сезан, Моранди, Брак, Пикасо, Матис и други. Магијата на натурмортот ним им ја потшепнува речиси пред едно столетие од појавата на импресионизмот Шарден, класик на овој мотив, но нешто пред него и големиот маг на барокот шпанскиот сликар Веласкез. Тој како кралски сликар на дворот на Филип Четврти, покрај некои царски мотиви сликал и обични, банални предмети како што се посатките за домаќинство: виљушки, лажици, ножеви, саан, аван со толчник итн. Ги именувал како „мотиви од кујната“. Но тие на прв поглед банални мотиви под неговата четкичка со сребреникаво-златест сјај и со неговата по Тицијан ненадмината ликовна техника се живи, онтолошки присутни и до врвот полни со она што го бара од уметноста Карлајл: метафизички квалитет.
Имено, со тој метафизички квалитет се и препознатливи и натурмортите на Танас Дедов, кои се насликани според императивот на Леонардо како „намера на душата на сликарот“. А таа намера е да се открие, имено, душата на предметот, неговиот, како што би рекол Спиноза, порив за траење. И таа намера кај него, како и кај сите врвни мајстори на овој мотив, е остварена покрај со изворниот креативен талент и со она што во антиката е именувано како tehne во значење на мајсторство или вештина, нешто што е исто така вродено и амалгамизирано со онтологијата на талентот како естетска работа на битието, пак да го спомнеме Башалар, „спонтана онтологија“. Но таа и таквата онтологија на естетското битие кај Танас Дедов покрај принципот на композицијата и цртежот, кој е ментална основа на мотивот, се остварува пред сѐ, и најмногу, со бојата, со колористичката хармонија за која е вистински мајстор тој. Тоа е тивка обоена звучна соната на неговите натурморти во една убава синестетичка варијанта на музиката на боите, феноменот што ингениозно го толкуваше во своите ликовни есеи за модерното сликарство Кандински.