Во чест и сеќавање на поетот Игор Исаковски, човекот што ја означи генерацијата современи македонски писатели и го креираше ритамот и духот на времето во кое твореше, утре (15.12.2025) ќе се одржи поетско читање наречено „Ти пишувам од сржта на тишината“. Настанот ќе почне во 17 часот во „Лабораториум“.
– На десетгодишнината од неговото физичко заминување, се собираме за да го славиме поетот и неговите стихови. Животот е краток, но уметноста е бескрајна. На Игор животот сосема добро му прилегаше, но бесмртноста му прилега уште подобро – велат организаторите на настанот.
На настанот ќе читаат Јовица Ивановски, Тихомир Јанчовски, Александра Димитрова, Елизабета Шелева, Сузана Спасовска, Валентина Бактијаревиќ, Џабир Дерала, Ана Голејшка Џикова, Билјана Црвенковска, Никола Гелевски, Ива Петреска, Бранислав Николов, Илинка Делчева, Ѓоко Здравески, Владимир Мартиновски, Марко Кочишки, Биљана Стојановска, Славица Диневска, Тони Димков, Павлина Атанасова, Елизабета Баковска, Љупчо Јолевски, Ненад Стевовиќ, Долорес Атанасова-Лори, Ана Зафирова…
Игор Исаковски (1970 – 2014), поет, прозаист, уредник, преведувач. Дипломирал на катедрата за Општа и компаративна книжевност во Скопје, магистрирал на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта (Родови и културолошки студии). Основач на Културна установа Блесок. (www.blesok.mk), каде што работеше како главен и одговорен уредник од 1998 година до неговата смрт.
Објавени книги: „Писма“ (роман, 1991), „Црно сонце“ (поезија, 1992), „Експлозии, трудна месечина, ерупции…“ (раскази, 1993), „Вулкан – Земја“ (поезија, 1995), „Небо“ (поезија, 1996, 2000), „Гравири – Blues говорница“ (многу куси текстови, 2001), „Песочен часовник“ (раскази, 2002), „Длабоко во дупката“ (поезија, 2004), „Пливање во прашина“ (роман, 2005, награда „Прозни мајстори“, 2005), 2Blues говорница II“ (2006, Годишна награда за најдобро графичко решение на печатена книга, 2006), „Стажирајќи за светец“ (поезија, 2008), „Ноќта е најтемна пред разденување“ (поезија, 2009, Награда на Белградски фестивал на поезија и книга, 2010), „Вулкан – Земја – Небо“ (поезија, 2010), „Љубовна“ (поезија, 2011), „Смртта има коса од морска трева“ (поезија, 2013), „Дека да“ (поезија, 2015).
Избори и преводи на други јазици: „Sky“ („Небо“, поезија на англиски, 1996, 2000), „Sejanje smeha“ („Сеење на смеата“, избрана поезија на српски и македонски, 2003), „I & Tom Waits“ („Јас и Том Вејтс“, избрана поезија на македонски и англиски, 2003), „Sandglass“ („Песочен часовник“, раскази на англиски, 2003), „I to je život“ („И тоа е живот“, нова и избрана поезија на хрватски, објавена во Црна Гора, 2007), „Iz bliskov in ognja“ („Од болскоти и оган“, нова и избрана поезија на словенечки, 2011), „Pjesčani sat“ („Песочен часовник“, раскази на хрватски, 2012), „Madam Hyde, Mister Hyde“ (нова и избрана поезија на холандски, 2012), „Dlanovi puni srče“ / „Дланки полни срча“ (нова и избрана поезија на српски и македонски, 2013), „Светлината ве чека на рецепција“ / „The Light Awaits You at Reception“ (нова и избрана поезија на англиски и македонски, 2013).
Исаковски уредил четири антологии; најновата е „Шест македонски поети“ / „Six Macedonian poets“, (објавена од „ARC Publications“, Велика Британија, 2011), како и два CD-ROM-а.
Преведуваше поезија, проза и есеи, од (и на) македонски, англиски, српско-хрватски-босански-црногорски, и од словенечки на македонски. Во негов превод на македонски, објавени се 60 книги.
Поезијата и прозата му се преведени и објавени на шеснаесет јазици во дваесетина земји. Застапен е во голем број избори и антологии во Македонија и во странство.
Сеење на смеата
ги отворам сите врати за здивот да влезе
ги откривам линиите на вратот и ушните школки
ако од нешто
некогаш бидам пијан додека е таа тука
тоа ќе биде од тој мирис
на мека врелост и вечна дивина
таа ја исполнува собата со зборови
со воздишки ја бои ја нервира
што ѝ се допаѓам
јас пливам во длабоката река
по линијата на нејзините дланки
би сакал никогаш да не откријам
некое устие освен устието во мене
на тие нејзини длабоки реки
на тој оган што ме држи што ме води
кон мене проклето свесен за крајот
што чека зад аголот на некоја од овие улици
добри духови ми ги растргнуваат градите
„тие ни даваат вода место пиење”
ја слушам вели
остануваме будни за подобро да се запомниме
и ако некогаш бидам пијан тоа ќе биде
од човечкото во неа
времето минува крај нас
како говор на туѓи луѓе
неговите удари нѐ скокоткаат
и ние ја сееме нашата смеа
по улиците на нејзиниот град
добрите духови летаат таму кајшто сме
низ нејзиното име и моите усни
во нашите здивови што се мешаат
како бои што го слават животот
во изгрејсонцето
се бакнуваме скриени
зашто таков бакнеж може
да го полуди и светот и небото
се бакнуваме под сводот на вековите
како злосторници пред самоубиство
ја вшмукувам ја лижам
во концентрирана безнадежност
додека времето не удри за последен пат
и нашите тела не се распрснат
во вечна смеа
Игор Исаковски