Изложба што има ретроспективен предзнак и му е посветена на Теофил Шулајковски-Тофе (Дебар, 1934 – Скопје, 2009), наш еминентен ликовен автор, ќе се одржи на 15 ноември, во 20 часот, во „Чифте-амам“.
Тофе е еден од ретките македонски уметници што досега немале ваков вид интегрално претставување. На оваа изложба се презентирани над 150 дела на македонскиот бард на акварелот, а присутни се најрепрезентативните дела од сите творечки фази, од најраните акварели до последниот, досега неизложен и необјавен.
– Ваквиот тип ретроспективни изложби се само основни поводи преку кои Националната галерија, како институција што над седум децении се грижи за чување и заштита на дел од движното културно наследство од историјата на уметноста на нашата земја, континуирано ги презентира врвните национални културни достигнувања. На оваа примарна функција се надоврзуваат и нашите заложби за константно потсетување и едукација за особените специфики на значајните легати од творештвото на големите уметници од македонската уметност – велат од Националната галерија на Македонија.
Теофил Шулајковски-Тофе, без двоумење, се вбројува во рангот на најзначајните македонски акварелисти. Тој се издвојува од колегите уметници преку доследноста во ликовната дисциплина акварел и преку сопствената современа поетска естетика. Тој ја продолжува оваа насока, надградувајќи се на почетокот врз основите и искуствата на нашите големи мајстори втемелувачи на модерниот македонски акварел од дваесеттите години на минатиот век, но и по светските војни, кои се школувани во балканските центри: Димитар Панилов Аврамовски, Љубомир Белогаски, Вангел Коџоман, Василие Поповиќ-Цицо, Зага Малинковска. Тој донекаде, сосема логично, ги наследува искуствата од просторите во кои се оформувале и неговите претходници, односно ги впива и искуствата од претходната основоположничка генерација.
– Значењето на Теофил Шулајковски за македонската историја на уметност го согледуваме во неговата немирна истражувачка природа и желбата за внесување новитети во акварелот, со што придонесува кон оживувањето и издигањето на оваа ликовна дисциплина на современо рамниште – велат од НГМ.