Со претставата „Да инспекторе, Претстава со грешки“ во режија на Синиша Ефтимов, театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп вечерва одбележува 72 години од формирањето.
„Да инспекторе…„ е последна премиера на театарот работена по мотиви на текст од Хенри Џонатан Хенри, во која, како и во секоја претстава, сите грешки актерите се обидуваат сѐ поуспешно да ги прикријат без публиката да забележи, ама во оваа претстава сѐ што можете и не можете да замислите се одвива погрешно. Имено, аматерското друштво „Преродба“ е толку посветено во изведбата што не дозволува ништо да го спречи расплетот на криминалистичката драма „Македонско крваво буре“…
Првата претстава на театарот е „Кир Јања” од Ј.С.Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски. Одиграна е на денешен ден во 1950 година. Оттогаш, разните генерации актери, вооружени со елан, самопожртвување и творечки занес го покренаа „плугот да ја ораат театарска ледина”, уверени дека ангажманот ќе даде плод. Така и би. Низ годините се ределе премиерите еднаподруга, се нижеле успесите и падовите на Театарот, а колективот се збогатувал со искуство во катадневната пракса. Денес е ансамбл со врвни актерски имиња.
Во досегашниот опстој театарот „Војдан Чернодрински“ прикажал над 360
премиери, изиграл над 7.000 претстави кои ги гледале над 1,6 милиони луѓе. Најгледани и најиграни претстави се „Солунски патрдии” од Миле Попоски, во режија на Коле
Ангеловски и „Од кол на кол“ исто во режија на Коле Ангеловски, играни над стопати.
Голем успех Театарот низ годините има постигнато и со претставите „Тапани во
ноќта“, „Кавкаскиот круг со креда“, „Полковникот птица”, „Силјан Штркот“ ,„Туѓо сакаме свое не даваме”, „Колобан”, „Молам за секс”, „Спиро Црне”, „Арсениј”, „Опера за три гроша”, „Змејовата невеста“…
Театарот „Војдан Чернодрински“ низ годините во земјава го има приматот на куќа во која се даваат праизведби на текстови од македонски драмски автори. Тука за првпат се поставени текстовите на Коле Чашуле, Томе Арсовски, Благоја Ристески – Платнар, Трајче Крстески, Петар Петрески… Ка.М.