Театарот „Чекори“ одбележува јубилеј од 50 години
Театарот „Чекори“ постои 50 години и со својата долгогодишна дејност има реализирано низа претстави, во самостојна продукција, но и со поддршка на Општина Гази Баба, Град Скопје, Министерството за култура… Театарот ја задржува својата традиција да изведува дела што не се или ретко се изведувани, претставувајќи непознати, но значајни автори од театарската дејност од Европа и светот. Оформен е во 1974 година од Боре Ангеловски, актер и режисер, заедно со уште дваесетина млади ентузијасти. До денес имаат повеќе од сто премиерни изведби.
Според режисерката Маја Ѓурчевска, „Чекори“ е самостоен алтернативен театар што се обидува да ги избрише разликите помеѓу аматеризмот и професионализмот.
– Тоа е театар што учи, подучува, твори, создава, плаче и се радува, го дава својот скромен придонес во културата. Имаме возрасна, младинска и детска сцена. Во склопот на нашиот театар се одржуваат и детски театарски работилници. Опстојуваме врз база на многу љубов, малку лудост, труд, желба, храброст и ентузијазам. И кога проектите не се одобрени, тоа не нѐ спречува да ги реализираме. Она што нѐ одржува се начелата на театарот. Нашиот театар е платформа за уметничко изразување на безброј вљубеници во театарот од различни возрасти – подвлекува Ѓурчевска.
Театарот развива специфична форма на поставување текстови од домашни и странски автори, кои се играат за првпат или ретко на македонската театарска сцена.
– На нашата сцена се поставувани наслови од автори што се особено значајни во светската театарска уметност, меѓу другите се: Хармс, Борхерт, Хајнер Милер, Антоан де Сент Егзипери, Агота Кристоф, Јонеско, Тенеси Вилијамс и секако Семјуел Бекет – вели Ѓурчевска.
„Чекори“ се стреми кон поголема афирмација во Македонија и надвор од неа.
– Би сакале да посетиме европски театарски фестивали. Работиме на издавање монографија. Посакуваме да оди сѐ по план и да се реализира снимање краткометражен филм. Во блиска иднина, би сакале да бидеме нераскинлив дел од културната историја на Македонија. Да имаме влијание врз критичкото мислење и формирање на театарска публика. Да бидеме валиден расадник на таленти. Да се чекори уште долго и да доживуваме нови јубилеи – изјавува Маја.
Актерот Марко Џамбазоски игра во претставата „Крај на играта“ со која беше прославен јубилејот.
– Станува збор за претстава по дело на Семјуел Бекет, еден од најистакнатите претставници на т.н. „театар на апсурдот“. Делото навлегува во длабочините на егзистенцијалниот очај, претставен преку четири лика, изолирани во една просторија, чии прозорци ја откриваат сивата и безживотна надворешност. Драго ми е што имавме можност да соработуваме со Снежана Коневски–Руси, режисерката на оваа претстава, со која имавме еден, за нас, поразличен процес, кој ни отвори нови погледи – споделува Џамбазоски.
Досега претставата ја одиграа трипати пред скопската публика, а се очекува да ја прикажат и на неколку фестивали низ земјава и надвор.
– Она што ми беше привлечно уште на самиот почеток е традицијата на театарот да изведува дела што досега не се изведувани или се изведувани многу ретко, со што всушност театарот „Чекори“ ѝ нуди на публиката нешто ново, различно и нешто што ретко може да се погледне. Втората причина се квалитетот и ентузијазмот што го поседуваат сите членови, но и позитивната енергија што владее и на сцената, но и зад неа, што го прави „Чекори“ многу повеќе од само обичен театар – подвлекува Марко.