Јубилејната сезона завршува со гала-концерт

Јубилејната сезона на „Танец“, ансамблот што овие 75 години ја покажува светлата страна на нашата историја во светот, ќе заврши со гала-концерт во Националната опера и балет, на 22 декември, во 19 часот.
– Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ е нашиот идентитетски код и годинава слави голем јубилеј – 75 години постоење, со низа концерти дома и надвор. Конечно, со радост можеме да го најавиме и последниот, централен свечен концерт од оваа богата јубилејна сезона. На концертот ќе бидат изведени многу музичко-сценски бисери од богатата фолклорна ризницата на „Танец“, кои датираат од различни периоди на дејствувањето на ансамблот, прекрасните ора и кореографски постановки како „Тешкото“, „Женско чамче“, „Драчевка“, „Свадба“, „Два танца“, „Џамала“, „Пиринско пролетно цвеќе“, „К’лц нога“, „Копачка“, „Беломорски бисер“, „Малешевка“, „Радовишки собор“ и многу други вокални и вокално-инструментални точки, во изведба на вонсериските национални уметници на ансамблот – најавува Бранка Костиќ-Марковиќ, уметничка раководителка на сценско-уметничката дејност во НУ „Танец“.
Поканети се сите вљубеници во македонскиот фолклор и пасионирани љубители на „Танец“ да не го пропуштаат овој редок музичко-сценски спектакл.
Ансамблот е основан во март 1949 година во Скопје и веќе 75 години е еден од најстамените столбови на македонската традиција и култура и, недвосмислено, еден од главните темели на македонската државност. Формиран е со цел да ги собира и негува македонските традиционални игри и песни, народните инструменти и носии и, преку соодветен уметнички израз, сценски да ги претстави највредните форми од богатата ризница на македонскиот народ.

„Танец“ денес е една од најблескавите страници на македонската културна историја, за што се заслужни сите генерации што ја градеа и реализираа јасно поставената програмска активност на основачите, и ансамблот низ годините се разви и прерасна во институција за почит, издигнувајќи се на нивото на уметничка извонредност и стекнувајќи се со статусот на македонска национална гордост пред публиката низ светот.
Како подвижен музеј на нашето културно богатство, ансамблот во текот на овие 75 години остави белег на најпрестижните сцени во светските метрополи на сите континенти, остварувајќи над 5.000 незаборавни концерти. Репертоарот на „Танец“ има над 90 кореографии и неколку стотици вокални и инструментални творби, преку кои ансамблот ги претставува разновидните музички и кореографски традиции од сите региони во кои се создавал богатиот македонски фолклор. Во фундусот се наоѓа уникатна збирка од 3.000 автентични носии, со исклучителна вредност и убавина, па, оттука, секој настап на „Танец“ е посебно музичко-сценско и естетско доживување.
– Денес ансамблот е модерна институција, со приближно сто вработени и многу поголеми културно-уметнички капацитети од просторните услови во кои дејствува. Годинава го прославува својот голем јубилеј, 75 години од основањето, и додека активно ја одбележува оваа значајна отсечка во времето, ги има предвид целокупната седум и полдецениска посветеност и страст на сите генерации извонредни игроорци, песнопојци и свирачи што оставиле драгоцен дел од својот живот и уметност во „Танец“. Нивната непоколеблива заложба за зачувување и промовирање на македонските народни традиции не само што го збогати и сѐ уште го збогатува македонскиот културен пејзаж туку служи и како транскултурен и сеопшт катализатор за дијалог и единство во глобални рамки. Нема да биде претерано да се каже дека недвосмислената убавина на нашиот фолклор е вистински бисер во ѓерданот на светското културно наследство, а „Танец“ важна и препознатлива културна алка. „Танец“ е наша и светска гордост, „Танец“ е македонскиот идентитетски код, „Танец“ е длабок печат во светската културна меморија – велат од ансамблот. В.Д.