На 23-то издание на оваа програма Ристоска е избрана помеѓу 3.836 апликанти од 123 држави, а таа е единствената учесничка од регионот

Актерката Тамара Ристоска ќе учествува на престижната програма „Берлинале талентс“, коja ќе се одржи во рамките на годинашното издание на Берлинскиот филмски фестивал, еден од најзначајните во светот. На 23-то издание на оваа програма Ристоска е избрана помеѓу 3.836 апликанти од 123 држави, а таа е единствената учесничка од регионот.
„Берлинале талентс“ е платформа за развој на филмски таленти, која ги истражува уметноста и процесот на создавање филмови. Основана во 2003 година, оваа програма е препознатлива како еден од водечките форуми за филмски професионалци и ентузијасти. Со над 10.000 алумни низ светот, „Берлинале талентс“ претставува една од најголемите глобални филмски заедници, нудејќи уникатна можност за вмрежување и креативна соработка на меѓународно ниво.
Годинашната тема ќе ги истражува значењето и важноста на слушањето во уметноста. Учесниците ќе имаат можност да се вклучат во дебати, работилници и дискусии со светски познати предавачи. Во изминатите години учесници на главните теми биле филмски легенди како Мартин Скорсезе, Кејт Бланшет, Кристен Стјуарт, Рубен Остлунд, Џералдин Чаплин и Лупита Њонг’о.
Тамара Ристоска е истакната млада актерка од Македонија, која успешно гради кариера и на меѓународно ниво. Позната е по улогите во филмовите „Мими“, „Проблемот на Тина“, „Обичната Ели“, „Ритурн ту сајлент хил“, „Верифајд таргет“ и други. Покрај тоа, таа настапувала и во домашните ТВ-серии „Фамилијата Марковски“ и „Тинејџерски камп“, како и во српските продукции „Константиново раскршќе“ и „Бранител“. Нејзините најнови проекти вклучуваат улоги во режисерското деби на Сара Климоска, „Нова енергија“, филмот „Лубарда“ на Горан Радовановиќ, како и „Раката на правдата“ во режија на Немања Ќераниќ, каде што Тамара игра една од главните улоги.
Учеството на Тамара Ристоска на „Берлинале талентс“ е огромно признание не само за неа туку и за македонската културна сцена, покажувајќи дека нашите уметници имаат капацитет да се докажат на највисоко светско ниво. В.Д.