Англискиот дистрибутерски гигант „Догвуф“ од Лондон ги откупи светските права за интернационална продажба на „Сиљан“ (The Tale of Silyan) – најновиот документарен филм на Тамара Котевска. „Догвуф“ е компанија позната по современи документарци што има „оскар“ и БАФТА-номинации, а ова е нејзина втора соработка со Котевска по успехот со „Медена земја“.
Вклучувањето на „Догвуф“ е силен индикатор дека „Сиљан“ веќе се гледа како сигурен кандидат за престижната номинација за „оскар“.
Филмот за една недела ќе ја има својата светска премиера во Венеција 2025, а потоа следува и северноамериканската премиера во Торонто, каде што е во официјалната натпреварувачка програма.
Американската „Индепендент филм груп“ (УТА) ги обезбеди правата за Северна Америка, а на продукцискиот тим му се приклучи и „Конкордија студиос“, чија продуцентка Кеси Меурер изјави: „Уште од првиот разговор со Тамара, ’Конкордија‘ беше целосно за. Тамара е исклучителен талент – нејзината храброст, уникатна визија и безрезервна предаденост на создавање филмски дела блескаат од секој кадар на ’Сиљан‘. Пресреќни сме што ’Догвуф‘ ни се приклучи во тимот“.
Оригиналната музика за „Сиљан“ ја потпишуваат Џо Вилсон Дејвис и Хун Оукпарк, композитори од студиото на Ханс Зимер. Нивната музика, длабоко емотивна и суптилна, создава звук што дише заедно со кадрите, поддржувајќи ги тивката болка, нежноста и визуелната поетика на „Сиљан“. Композициите не само што го дополнуваат наративот туку стануваат посебен лик во филмот, невидлив, но длабоко присутен.
Вклучувањето на композиторите од креативниот универзум на еден од најголемите филмски композитори во светот претставува уште едно значајно признание за уметничкиот квалитет на филмот и за гласот на Котевска во светската документаристика.
„Сиљан“ е вистинска приказна со бајковиден пристап инспириран од македонски фолклор од 17 век. Филмот ја следи врската меѓу еден земјоделец – Никола, кој по земјоделската криза останува сам, и бел штрк со повредено крило што го наоѓа на депонија. Од тој момент започнува реална бајка, огледало за човечките судбини и насоката по која се движи општеството.
– Во најзаборавените, но најбогати и живописни предели успеав да најдам приказна што е совршено огледало меѓу животите на белите штркови и човештвото воопшто – вели Тамара.