Светската премиера на „Зазорува“ – музичка и вокална изведба на поезија од Ацо Шопов, со композиции на Мајкл Спироф, се одржа во четвртокот по повод Денот на вљубените. Жителите на Торонто имаа уште една можност да уживаат во истата музика и во истата поезија, која канадски солисти ја изведуваа на македонски јазик.
„Зазорува“ е циклус од четири песни од Ацо Шопов: „Квечерина“, „Ако ти недостасува светлина“, „Песната и годините“ и „Будење“, во кој Мајкл Спироф прави оригинален сплет на ритми карактеристични за современата уметничка музика и традиционалниот македонски мелос.
– Преку овие четири песни, „Зазорува“ ги следи трансформациите на ноќното патување на свеста, од самракот, преку соништата, до изгревот на новиот ден – објаснува Спироф.
– Во просторот на сонот, протагонистот минува низ различни искушенија, кои водат од саможртва до исчезнување на времето и на бивствувањето. А кога конечно ќе зазори, светот ќе се појави повторно, истовремено и препознатлив и неповратно променет: „Не чуди се./ Ден е. Ден. Пробуди се“. Интеракцијата помеѓу соло-гласот и хорот создава ониричен простор во кој индивидуалното искуство се среќава со колективната меморија. Како што композицијата се развива, така овие елементи се приближуваат еден до друг и се спојуваат на границата помеѓу сонот и јавето, помеѓу минатото и сегашноста – велат од фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“.
Музичкиот и поетски циклус „Зазорува“ се изведува во рамките на „Конфлуентните концерти“ во „Хеликонианхол“, прогласен за историско национално место на Канада, во 2007 година. Во центарот на Торонто, оваа култна сала за првпат ја собра публиката на еден ваков концерт околу поезијата на чилеанскиот поет Пабло Неруда, со композиции на канадскиот композитор Омар Даниел, на Денот на вљубените во 2006 година.
– Годинашната програма повторно ги вклучува овие композиции на Омар Даниел, додека делата на двајцата талентирани млади композитори Мајкл Спироф и Франческа Хаусер доживуваат светска премиера – забележува организаторот на концертот, канадскиот диригент, виолинист, пејач и писател Лери Беквит.
– Мајкл избра четири прекрасни онирични песни од влијателниот македонски поет Ацо Шопов, а Франческа постави прекрасен текст на Аника Венкатеш, една од солистките што настапуваат на концертот – велат организаторите.
На концертот настапија афирмирани канадски оперски пејачи и музичари. Современиот канадски композитор, музички директор, пијанист и педагог Мајкл Спироф е роден во Торонто во македонско семејство. Дипломирал на Школата за музика „Манес“, во Њујорк и на Универзитетот „Мекгил“ во Монтреал. Неговите дела се изведуваат во Канада, САД, Обединетото Кралство и во Австралија.