Агенцијата за филм и оваа година ќе биде присутна со свој промотивен штанд на Европскиот филмски маркет до 18 февруари, во рамките на Интернационалниот филмски фестивал во Берлин – Берлинале.
Македонскиот штанд ќе биде поставен на централна локација во музејот „Гропиус бау“, каде што традиционално се одвива индустрискиот дел на фестивалот. Преку присуството на маркетот, македонската делегација ќе ги претстави најновите остварувања и актуелни проекти од домашната кинематографија и ќе реализира средби со потенцијални меѓународни партнери со цел воспоставување идни копродукциски соработки. За таа намена е подготвен специјален промотивен каталог, како и обемен промотивен материјал.
Особено значаен момент за македонската кинематографија оваа година претставува селекцијата на македонскиот филм „17“, во режија на Косара Митиќ, во програмата „Перспективи“ на Берлинале – која ги претставува и ги оценува најдобрите долгометражни дебитантски филмови од целиот свет. Светската премиера на филмот ќе се одржи на 18 февруари, во 19 часот, во грандиозниот театар „Блумакс“ на „Потсдамер плац“, една од најпрестижните фестивалски локации во Берлин.
Филмот „17“ ќе има вкупно пет фестивалски проекции на Берлинале, на различни локации, што дополнително ги потврдува силната видливост и интересот за овој македонски филм во рамките на фестивалската програма.
Фактот што станува збор за дебитантски долгометражен филм на млада македонска режисерка дополнително ги потврдува виталноста и потенцијалот на новата генерација автори, како и значењето на континуираната институционална поддршка за развој на современиот македонски филм.
Филмот „17“ е продуциран од „Црна мачка продукција“, со финансиска поддршка на Агенцијата за филм во копродукција со „Арт & Попкорн“ (Србија) и „Децембер“ (Словенија). Проектот е поддржан и од Филмскиот центар на Србија, Словенечкиот филмски центар, „Сее синема нетворк“ (SEE Cinema Network), како и преку програмата „СинеЛИнк – Ворк ин прогрес“ (CineLink – Work in Progress) на 31. „Сараевски филмски фестивал“.
Покрај физичкото присуство со промотивен штанд, Агенцијата за филм ќе биде активна и на онлајн платформата на Европскиот филмски маркет, овозможувајќи им на филмските професионалци што нема да присуствуваат во Берлин да ги следат активностите и содржините во виртуелен формат.
Европскиот филмски маркет во Берлин е еден од највлијателните светски филмски пазари и клучна платформа за меѓународно позиционирање на националните кинематографии. Континуираното присуство на Агенцијата за филм на овој маркет овозможува зголемена видливост на македонските автори и продукции, јакнење на меѓународната соработка, размена на искуства и пристап до нови извори на финансирање, со што директно се придонесува кон развојот и одржливоста на домашната филмска индустрија.

































