Најновата композиција од Дарија Андовска ја имаше својата светска премиера во Сараево, Босна и Херцеговина, во изведба на „Оркестар без граници“, под диригентската палка на маестро Премил Петровиќ. Станува збор за нејзината композиција „Apoptotic Bodies“ за гудачки оркестар и фиксен медиум, напишана по нарачка на „Оркестар без граници“ за нивната турнеја, на која беа изведени четири нови композиции од едни од најреномираните и истакнати композитори од регионот: Нина Перовиќ (Црна Гора), Давор Бранимир Винче (Хрватска), Марко Никодијевиќ (Србија) и Дарија Андовска (Македонија).
Светската премиера на новите композиции се одржа во Сараево, каде што започнува балканскиот дел на турнејата, кој денеска продолжува во Нови Сад. Се очекува оваа програма да се сними и издаде на носач на звук од „Дојче грамофон“.
На 12 септември, пак, во „М галери“ во Њујорк, Иван Наумовски – баритон и Ана Гацева – пијано, во рамките на својот рецитал, ќе изведат четири композиции од циклусот „Песни од татковината“ на Андовска.
Дарија Андовска е една од најплодните, најреномирани и најизведувани македонски композитори на светските подиуми, таа е редовна професорка на Факултетот за музичка уметност – Скопје при УКИМ, каде што моментално ја извршува функцијата декан.