фото: Приватна архива

Разговор со Марија Светиева, ликовна уметница

Македонската уметница Марија Светиева, е една од уметниците која се претстави на неодамна отворената изложба „15 жени уметнички“ во галеријата „Остен“ во Скопје. Нејзината соработка со „Остен“ е долгогодишна, а се интензивира од 2015 кога Светиева е меѓу првите уметници за кои е изработена графичка мапа и е органзирано претставување со самостојна изложба во Венеција.

фото: Приватна архива

– Убав е концептот на „Остен“ за промовирање на цртежот со модерни тенценции на изразување, експериментални техники и материјали како и мултимедијални проекти каде што се застапени уметници од Македонија и од цел свет. Изложбата „15 жени уметнички” беше добро изменаџирана и медиумски поддржана – констатира Марија Светиева.
Таа е носител на признанието „Златен остен“ за придонес во развојот на македонската уметност. За неа, оваа награда, како и останатите, значи давање импулс на енергијата која ја вложува во создавањето.

фото: Приватна архива

– Божјата промисла или универзална енергија на сите ни има дарено креативна енергија. Јас како уметник многу цртам за да ја појачам мислата или визијата за другите дела. Некогаш работам брзо и спонтано како во сон, а некогаш мислам, премислувам, студирам и тоа трае долго со денови, како во некое откритие. Така се креира некое дело. Но, понекогаш е потребна поддршка од други, кои ве почитуваат и ценат – вели уметницата Светиева.

фото: Приватна архива

По нејзиното дипломирањето во 1987 со уметноста ја оживува музиката на љубовта, онаа универзална кон семејството, душите, слободата и чистотата на мислите, светлината на животот. Потоа доаѓа циклусот „Светот на Виктор’’, па христијанството, екологијата, љубовта кон Македонија.
– Мојата уметност е движење со кое се обидувам да внесувам светлина и радост во животот, позитивни вибрации, хармонија со природата и универзумот. Многу сакам да експериментирам и работам цртежи со различни материјали, акварели, слики, но најмногу уживам да изработувам графики. По образование и вокација сум графичар и графиката ми е во крвта. Во Болоња бев на специјализација на графика и тоа експериментална графика, а јас во годиниве ги продлабочив тие истражувања – раскажува Светиева.

фото: Приватна архива

Светиева од дипломирањето, па досега изложувала свои дела речиси низ целиот свет. Реализирала 368 изложби во Македонија, Србија, Хрватска, Бугарија, Романија, Полска, Русија, Германија, Франција, Италија, Шведска, Тајланд, Јапонија, САД, Канада, Кореа…
– Моите дела им се допаѓаат на луѓето и на исток и на запад. Само во Македонија не сум многу ценета. Но тоа не е поради тоа што сум жена. Во македонското општество нема проблем со прифаќањето на жените-уметници. Причините повеќе лежат во тоа што општеството е во синџир на материјализмот каде што е поважно што ќе се облече, какви автомобили ќе се возат и колку станови или куќи ќе се купат. Со осамостојувањето на Македонија и со транзицијата како поголемиот дел од општеството духовно да се осиромаши и луѓето сѐ помалки се интересираат за уметноста и за културата – вели таа.
Седум години од животот и кариерата, Светиева ги поминува во Рим. Таму, се занимава со новинарство и со ликовна дејност, а забележана е и од истакнатиот критичар Виторио Зграби.

фото: Приватна архива

– Најубавиот период од мојот живот беше животот во Рим. За тие седум години поминати таму постигнав повеќе отколку за 30 години во Македонија. Рим важи за град на филмот – тука е Чинечита со филмските студија, затоа и успешно се бавев со филмско новинарство. Паралелно со тоа се бавев и со мојата уметност. Уште на почетокот на моето пристигнување во Рим вратите на уметничкиот свет ми се отворија. Се редеа изложби низ Италија, се купуваа моите графики и пастели. Беше интересно дека никој од купувачите не го интересираше мојата биографија и од каде доаѓам. Едноставно само моето дело. Некои од нив ми нарачуваа да изработам и по 10, 15 дела за да купат – вели Светиева.
По многубројни разновидни работни ангажмани, од 2017 Марија Светиева е самостоен уметник.
– Никаде не е лесен животот на самостојниот уметник, а посебно во Македонија но творецот бара креативност, а креативноста бара слобода, слободен ум, ослободеност од ангажмани кои го стегаат во изразувањето. Уметникот мора да се жртвува за својата уметност, мора да твори секојдневно во тишина. И повторно, и покрај креативноста и работата не значи дека уметникот ќе биде почитуван, славен или богат. Единствена привилегија за самостојниот уметник во културните земји е што таквите држави се грижат за уметниците обезбедувајќи им ателјеа или откупувајќи им дела – забележува Светиева.
Впечатокот е дека уметницата Светиева постојано е во креативна фаза и влегува од едно дело во друго, од еден проект во друг, од една изложба во друга…
– Планови секогаш имам, за блиска иднина или долгорочни, но научена од животот дека не секогаш зависи од нас, не би можела предвреме да ги откријам за да не излезе дека не сум била сериозна. И би додала една азиска поговорка во која се вели „Човекот крои планови, а господ му се смее” – низ смеа завршува уметницата Марија Светиева.