Со палење на фестивалскиот оган и читање на Константиновата „Т`га за југ“ во Домот на поезијата во Струга почна 64-то издание на најпрестижната поетска манифестација во светот, „Струшките вечери на поезијата“.
Фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, а свои обраќања имаа и министерот за култура и туризам Зоран Љутков и директорот на НУМ „Струшки вечери на поезијата“, Никола Кукунеш.
Изразувајќи им топло добредојде на присутните во поетска Струга, градот што со широко раширени раце го прегрнува секој изговорен збор, без разлика на јазикот на кој му припаѓа, директорот на фестивалот истакна дека вечерва сме тука да го чествуваме зборот, да му се поклониме на она што, навидум, е ништо и на она што е сѐ. Без него не би постоела колективната свест како носител на историската меморија, без него не би можеле да се радуваме, да тагуваме, да се помолиме, без него не би знаеле што е тоа идентитет и што е тоа што треба да го негуваме и чуваме.
Тој потсети дека не случајно визуелниот фокус е ставен на глаголицата, нагласувајќи ја буквата „Г“, која во тоа писмо е именувана како „глаголи“ – што значи зборува/говори.
– Пред нашите очи, со сиот свој пркос, се појавува сликовната страна на старословенскиот јазик – јазикот што го зборувале Македонците од околината на Солун, т.е. јазикот на сесловенската писменост. Јазикот за кој како по зрак светлина или душевна храна пекале Словените во Моравија и Панонија. Во еден од првите оригинални текстови на старословенски јазик, „За буквите“ – потпишан со псевдонимот Црноризец Храбар, се наведува: „Порано Словените немаа букви, туку се служеа со рески и цртички, читаа и гатаа…“ Сѐ до оној момент кога браќата Свети Кирил и Методиј ја создале глаголицата, ги превеле првите книги и тргнале да ги описменат Словените на север. Тоа значи дека јазичната и културната врска меѓу Македонија и Словачка е нераскинлива цели 1162 години, очигледно е дека трае и денес, а доказ за тоа е годинешниот лауреат на „Струшките вечери на поезијата“ – словачкиот поет, г. Иван Штрпка – додаде Кукунеш.
Тој забележа дека големите идеи што потекнуваат од малите народи и малите јазични средини се честа цел на оспорувања или присвојувања.
– Таква е судбината и на македонскиот јазик. Но факт е дека постоењето на Охридската книжевна школа и Светиклиментовиот универзитет не можат да бидат приграбени од никого, затоа што ги обединува глаголицата и се директно продолжување на кирилометодиевската традиција – нешто со кое можат да се идентификуваат мал број средновековни писмени центри. Ова е уште еден од низата докази дека македонскиот јазик и писменост се уникатна појава и дека е беспредметна секоја полемика по ова прашање. Богатата препишувачка дејност, но пред сѐ авторската полемична и поетска оставина е бесмртно сведоштво дека ниту сме биле епигони ниту сме се идентификувале со нешто туѓо – подвлече Кукунеш.
Претседателката на државата Силјановска-Давкова, навраќајќи се на почетоците на формирањето на „Струшките вечери“ на поезијата во 1961 година, пред 64 години, кога група македонски поети се собрале во Струга, за да ја одбележат стогодишнината од објавувањето на Зборникот на браќата Миладиновци, изрази уверување дека по 64-то издание на „Струшките вечери на поезијата“, Струга, но и светот ќе бидат поинакви.
– Фокусирањето на глаголицата води 1160 години назад, кон старословенскиот јазик и огромната обединувачка улога на сесловенските просветители Кирил и Методиј, кон писменоста и нејзината најблиска другарка – поезијата. Ова е вашата поетска република. Од тука, од Струга, вие сте го менувале и сѐ уште можете да го менувате светот, градејќи вечни поетски мостови од неуништливи материјали: мислата и зборот, проткаени со ум и чувства – рече претседателката на Република Македонија.
Струшката поетска приказна, според претседателката, е најдобриот пример и модел на Делчевиот културен натпревар меѓу народите, особено актуелен во ова ужасно конфликтно и воено време, што нѐ потсетува на Лорка. Говорејќи за моќта на зборот, таа посочи дека големите моќници знаеле оти поезијата не е само естетско доживување, устен или писмен запис на чувства и мисли туку и етички став кон битните проблеми во животот и општеството.
Добре дојде во Струга, на присутните поети на 64. „Струшки вечери на поезијата“ им посака и министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
– Ова издание на фестивалот е осветлено од знакот на глаголицата, писмото што ни ја подари светлината на словото. Таа е нашата културна душа, сведоштво за нашата историја и наша врска со иднината. Затоа, во годината кога одбележуваме 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, со особена гордост се навраќаме кон првата искра, кон буквите што се претворија во корен, идентитет и вечност. За нас е голема чест што вечерва со нас е г. Иван Штрпка, легендата на словачката поезија и мајстор на зборот, кој потенцира дека „глаголицата не е само писмо туку душа на зборот“. Поезијата и глаголицата се како два извора што паралелно течат низ времето: едниот нѐ потсетува на корените, другиот нѐ води кон бескрајот. Во секој стих, како и во секој глаголски текст, се крие светлина што ги осветлува нашите души и ги поврзува со сите генерации – рече Љутков.
Тој додаде дека Струга и „Струшките вечери на поезијата“ се место каде што времето се смирува, а минатото и сегашноста се спојуваат во ритамот на поетскиот збор.
Манифестацијата продолжува со меѓународното поетско читање „Меридијани“, на кое ќе настапат поети од различни меридијани и култури, пренесувајќи ја својата поетска мисла во градот на мостовите.