Во Национална опера и балет во Скопјe се одржа свечен концерт, организиран од Амбасадата на Русија по повод 80-годишнината од Големата Победа.
Дел од гостите на настанот беа амбасадорот на Турција, Фатих Улусој, воениот аташе на Кина, Џзу Нин, на чело на репрезентативната делегација на Амбасадата на НР Кина, почесниот конзул на Русија во Охрид, Велимир Стојковски, колеги од дипломатскиот кор, делегацијата на компанијата „Лукоил“ Македонија, предводена од Регионалниот управител Андреј Куку, бројни руски сонародници, јавни и културни дејци, академици и научници, претставници на медиуми и заинтересирани македонски граѓани.

Амбасадорот на Русија Сергеј Баздникин им се обрати на присутните со говор во кој, особено, ѝ се заблагодари на публиката, која исто така учествуваше и на други настани во чест на 80-годишнината од Големата Победа, на изведувачите, на раководството и персоналот на Национална опера и балет, се потсети на бесмртниот подвиг на советските граѓани, на македонските партизани, на сите оние, кои го уништија нацизмот, и раскажа за значењето на музичките дела во програмата на концертот.
– Вашето учество јасно потврдува дека сеќавањето на големиот подвиг на советскиот народ, на храброста на македонските партизани е живо. Во исто време, ова е потврда на нашата заедничка решеност да ја чуваме вистината за настаните од тие години, да им оддаваме почит на оние кои ги дадоа своите животи за слободата и да ја пренесуваме оваа меморија на идните генерации како непроценливо духовно наследство – истакна амбасадорот на Русија, Сергеј Баздникин.

Легендарните песни „Жерави“, „Катјуша“, „Темна ноќ“, „Денот на Победата“, музика од Дмитриј Шостакович и многу други дела, кои се неразделно поврзани со Денот на Победата, беа изведени на сцена од Мандалинскиот оркестар под водство на Ерхан Шукри, од музичарките на Филхармонија Ана Кондратенко и Викторија Митеска-Малезан, од дуетот на Ана и Александар Коловски, од пејачката Викторија Лоба и од ансамблот „Славјанка“.