Уметничка инсталација е поставена на платото на УКИМ, со цел да се обелоденат некои од малите и од големите проблеми на студентите при остварувањето на нивните студии. Инсталацијата беше од отворен тип и секој можеше да се приклучи, така што можеше да донесе предмети од дома што беа поставени на куп за продажба, под назив: собирам пари за (конкретен недостаток). Како на пример: собирам пари за одржување доволен и соодветен професорски кадар на Институтот за психологија, собирам пари за да платам ИКСА, собирам пари за поправка на покривот на Филозофски, собирам пари за поправка на салата за спортски активности и така натаму.
Исто така, како дел од иницијативата на инсталацијата беше поставена и кутија во која се собираа негативните искуства на студентите напишани на парчиња хартија, кои ќе бидат изложени во понатамошни планирани изложби.
– Оваа инсталација е своевидна конструктивна критика кон универзитетот, кој треба да биде негувател на културниот поредок, а во моментов го остава полека, но сигурно да пропаѓа. Да почнеме да ја подвлекуваме пораката: заслужуваме да останеме во сопствената земја, заслужуваме да студираме тука, заслужуваме да имаме соодветни услови, заслужуваме да се надминат тие безброј суштински проблеми и институционални сопки за да може да се остварат овие горенаведени заслужувања и дека со заемен труд може да се постигне тоа надминување – велат организаторите, група студенти и алумни од УКИМ.
Дел од проблемите со кои се соочуваат се: недостиг од професорски кадар, недостиг од асистенти, трошната состојба на зградата на Филозофскиот факултет (во која се рони таванот и капе вода при лесен дожд) и на салата за спортски активности, недостиг од читалници на Филозофскиот факултет, немање бесплатен јавен превоз, невозможноста студентите од УКИМ да имаат бесплатен паркинг на сопствениот кампус, плаќање на арбитрарни трошоци како ИКСА (кои единствено би биле корисни при воспоставување на условите за остварувањето на нивните цели) и други.
– Бидејќи повеќето од нас се студенти или биле студенти на Филозофскиот и на Филолошкиот факултет, се надеваме и на придонес во однос на овие студентски проблеми од страна на сите други факултети, со користењето на кутијата за жалби, со носењето свои предмети и пишувањето наслови за целта на парите од нивната „продажба“. Неодржувањето, а врз тоа и нападот што се извршува врз УКИМ, претставуваат смрт на науката, уметноста, јазикот, културата и наедно на критичката и апстрактната мисла. Време е да се посвети повеќе внимание на студентите, ѕвездите на културното небо, а и на професорите, кои треба да ги обучат и припремат за да бидат способни да ја издигнат и возвишат нашата држава по академски, промислен пат, претставувајќи ја нејзината сѐ уште неостварена иднина. Да почнеме да покажуваме дека културниот млад човек е жив и дише правилно – порачуваат студентите. В.Д.