Инсталација и уметничка средба насловена „Страв од љубов“ ќе се одржат
во вторник, во 19 часот, во Францускиот институт во Скопје, во организација на Францускиот институт.
Авторка на инсталацијата е уметницата Клелија Живковиќ, а кураторка е Мелоди Робин.
Настанот ќе биде проследен со разговор помеѓу уметницата, кураторката и публиката околу креативниот процес и делото.
Оваа инсталација претставува можност да се запознаете со делото на трансдисциплинарната уметница Живковиќ, чија уметничка практика се формира преку теоретски, материјални и експериментални искуства за личните, физичките, психолошките, емотивните и духовните бариери што ги среќава личноста додека се спознава себеси како битие на кое му е потребен простор за контакт со околината.
Инсталацијата „Страв од љубов“ ги пренесува невидливите врски преку три елемента: звук, ткаење и физичко присуство. Уметницата изработува инсталација, која ја симболизира папочната врвца, низ која се прикажани нашите лични врски – кон минатите генерации и кон сегашните, оние што нè опкружуваат овде и сега или, како што објаснува кураторката Мелоди Робин: „Таа папочна врвца ја повикува публиката да ја допре, да влезе во неа, да биде заробена во јазлите од нежност, насилство и препуштање“.
Исплетените врвци ја носат тежината на историската улога на жените како ткајачки на животот на овој свет.
Преку оваа инсталација, Клелија Живковиќ прашува: какви светови градиме околу себе? И што се случува кога ќе ја напуштиме контролата, дозволувајќи ѝ на љубовта да се појави во форми ослободени од стравот?
Во рамките на својата посветеност кон локалната уметничка сцена, Францускиот институт во Скопје ја започнува културната сезона со ова дело, продолжувајќи да организира изложби и уметнички средби со уметници од домашната сцена.