Фото: М.Т

Сите што синоќа беа во големата сала на Македонската филхармонија, на јубилејниот концерт на Стефче Стојковски и неговиот ансамбл, по повод 25 години ѕвездена кариера и ширење на македонската изворна, народна музика низ светот, почувствуваа городост и љубов за земјата во која се родени и во која живеат.

„За Македонија и Македонците“ беше насловен концертот на виртуозот на народни инструменти, со кои беспрекорно ги интерпретира песните, наши македонски, кои се пееле со векови секаде каде што живеат Македонци.

Па така и вчеравечер, со мелодиите отсвирени со вештите раце на инструменталистите го слушнавме ехото на Пирин и брановите на Белото Море, жуборот на Вруток, но ја почувствувавме и питомоста на Мала Преспа…А најмногу од се возвишената љубов за Македонија на сите оние наши јунаци на кои татковината им беше и мајка и сестра и жена, семејство што не го создадоа, но затоа го запалија огнот на македонштината и го дочуваа за сегашните генерации.

Уште на почетокот на оваа торжествена вечер, пред утрешниот празник, Ден на македонската револуционерна борба, се отворија многу заклучени одаи во нашите срца. Звукот на тапаните, наши македонски, со својот неправилен ритам не воведе во часот по историја и по родољубие, а зборот кој ја красеше сцената цела вечер беше „Макединство“! И кога за миг на екранот се појави ликот на Учителот, на Гоце Делчев војвода, а потоа се се замрачи и одекна само ѕвонливиот, пробивен глас на Ивана Тасиќ Митиќ, еден од најубавите на Балканот, како што ја претстави Стефче Стојковски, сите се нурнавме во тешкото минато на нашиот народ. И ја слушпнавме „Црна се чума зададе“, а кога се запалија светлата, запеа Александар Здравков со својот мек и топол глас, а на мигови силен и свечен. И се редеа патриотските песни: „Собрале ми се набрале“, „И ние сме деца“, која ја пееше Стефче, кој овојпат освен со свирење на тамбура, кавал, гајда…, своите емоции ни ги пренесе и со песна. Потоа се пееше за „Горите македонски“, „А бре бај Постоле“, „Песна за Христо Узунов“, за Јане Сандански згрме „Кога падна на Пирина“, одекнаа и „Ми товарил калеш Дончо“, „Четворица комити“, „Песна за Чакаларов“…

И публиката пееше, аплаудираше во ритам, а кај многумина во салата, имаше грутка во грлото, заматен поглед поради сеќавањата што навираа на предците наши кои се бореа за слобода, ставајќи го својот живот во залог без размилслување. Истовремено додека одекнуваа песните, а старите фотографии што се сменуваа на големиот екран, сведочеа за македонската голгота, бевме свесни дека колку и да продолжуваат да не оспсоруваат и дома и надвор, народниот гениј ја сочувал нашата генеза преку песните, што творци како Стефче Стојковски, одново и одново ги откриваат и им го продолжуваат животот, пренесувајќи ги од колено на колено.

Па како што тој љубовта кон македонскиот фолклор ја наследил до прадедо му Стојко, кој свирел на гајда, па од дедо му и татко му, неговите синови Теодор и Матеј ќе продолжат да ја шират македонската приказна низ целиот свет.

Во ансамблот членува и д-р Перо Пењушков од Ваташа, кој свири на тамбура, но исто така не плени со својот кадифен глас, а тука се и Рубин Стојаноски, тамбура и Пеце Петрески тапан. Иако досега низ групата поминале над 80 членови, сега само Стефче е професионален музичар, а сите други се аматери, вљубеници во македонската изворна музика. Синоќа на еден од основачите на ансамблот Вељан Јордановски, му беше доделена Благдоарнициа за поддршката сите изминати години.

Во блокот во кој беше прикажана успешната меѓународна кариера на Стефче Стојковски, слушнавме и честитки од љубители на македонската народна музика од целиот свет, а двајца од нив: Џеф Фајн од Америка и Пол Милер од Шпанија, засвиреа и во живо на гајда и кавал на самиот концерт.

По овој дел, ансамблот отсвире неколку ора, меѓу кои и Пиринското,а беа испеани од вокалистите и уште неколку убави песни.

Стефче им се зблагодари на сите во публиката, која до последното место ја наполни салата на Македонска филхармонија, со зборовите дека тие се неговиот поттик и инспирација да ја продолжи својата мисија.

На бис сите застанаа простум кога одекнаа патриотските рефрени „Има ли уште кој да не знае до каде е наша Македонија“, „Народе Македонски, „Земјо македонска“, па дури се слушаа и извици „Македонија, Македонија“…. Македонскиот фолклор, изворната македонска песна, ората, инструментите, приказните, обичаиите, целото наследство е запишано во нашиот генетски код, во идентитетот, и убаво е чувството кога во вакви ретки и скапоцени мигови ќе не огреат со својата светлина.