Вториот број на „Вајт рајот“ излегува во април годинава и веќе е подготвен за печат. Во овој број е вклучен и културен додаток, и тоа благодарение на нашиот писател Александар Прокопиев. Текстот носи наслов „Збогум, младост моја (приказна за една мелодија)“, а се однесува на истоимената песна, посветeна на Влада Дивљан, лидерот на групата „Идоли“, со кого Александар Прокопиев свирел заедно во неговата белградска фаза

Вториот број на фанзинот „Вајт рајот“, кој го прават студентите и професорите на Филолошко-уметничкиот факултет на Универзитетот во Крагуевац и е многу читан, му го посветува својот културен додаток на македонскиот писател Александар Прокопиев. Главен уредник на списанието е проф. Драган Бошковиќ, иницијатор на целата оваа приказна, редовен професор на Филолошко-уметничкиот факултет во Крагуевац, кој предава современа српска книжевност и теорија на книжевност. Тој има објавено осум научни книги, приредувач е на над 40 зборници, а за своите поетски остварувања е добитник на повеќе награди.
Вториот број на „Вајт рајот“ излегува во април годинава и веќе е подготвен за печат. Во овој број е вклучен и културен додаток, и тоа благодарение на нашиот писател Александар Прокопиев. Текстот е насловен „Збогум, младост моја (приказна за една мелодија)“, а се однесува на истоимената песна, посветeна на Влада Дивљан, лидерот на групата „Идоли“, со кого Александар Прокопиев свирел заедно во неговата белградска фаза. Песната е изведена во 1980-тите, на живи свирки во Белград, а сега, со македонски текст, повторно беше снимена во Скопје, во студиото „Алшар“, а во издание на „Прозарт медија“.
– Во 1972 година јас бев студент на компаративна книжевност и живеев како потстанар кај семејството Галиќ во Белград. За среќа, освен што беа прекрасни луѓе, со кои убаво се согласував, имаа многу добро пијано. Во тоа време јас необврзано настапував со некои белградски групи и често, на задоволство на домаќините, музицирав на пијаното. Синот на Галиќи се викаше Владо и беше најдобар гимназиски другар со Влада Дивљан. И нормално, дојдоа таму, Влада веќе свиреше гитара, и така почна нашето долготрајно пријателство. Веќе во јануари 1973 година формиравме група, која се викаше „Мерлин“, а во која настапуваа маалскиот другар на Влада, Зденко Колар, на бас-гитара, и мојот маалски другар Никола Поповиќ на тапани.

И така почна една долготрајна музичко-другарска авантура, кога името на составот постојано се менуваше. Почнавме како „Мерлин“, па „Звук улице“, и станавме многу познати во Белград. Правевме интересни текстови и композиции, но некаде кон крајот на 1979 година јас продолжив со мојата книжевност, а тие станаа многу познати како „Идоли“ – се сеќава Александар Прокопиев.
Од тоа прекрасно искуство остана неговото другарството со Влада Дивљан, кое наспроти сите животни пресвртници и случувања, траеше сѐ до прераното заминување на познатиот музичар, на 4 март 2015 година.
– Неколку месеци пред да почине Влада Дивљан дојде во Скопје да ја прими наградата „златна бубамара на популарноста“ за трајни музички вредности. Токму тогаш се сретнавме и свиревме малку заедно, како во старите добри денови. По неколку години, во едно скопско кафуле кантавторот Џина Папас Џокси ми покажа фотографии од таа наша последна средба со Влада. Потоа сѐ одеше многу брзо и со некој убав касмет. Се сетив на една моја композиција што Влада многу ја сакаше и имаше намера да ја снимиме, за што разговаравме и на нашата последна средба во Скопје, но тоа остана како идеја. Кога по средбата со Џокси си дојдов дома и почнав да ја свирам, видов дека композицијата убаво ми легна. Потоа се редеа убави работи – мојот другар Дејан Трајкоски дојде кај мене дома, ја слушна песната и веднаш ја сними на својот мобилен телефон. Веднаш му ја пративме на Гоце Јованоски, кому исто така му се допадна и многу брзо направи извонреден аранжман. Со извонредниот глас на Бранислав Николов, таа песна стара четириесет години повторно оживеа. Интересно е што насловот „Збогум, младост моја“ се совпадна со заминувањето на Влада, но од друга страна сведочи за доживотното траење на другарството со една ретка и богата личност – раскажува Александар Прокопиев.
Премиерната изведба на песната „Збогум, младост моја“, по текст и музика на Александар Прокопиев, а во изведба на Бранислав Николов, Гоце Јованоски и Александар Прокопиев, се случи лани во Културно-информативниот центар во Скопје. Настанот беше изведен како мини-концерт на кој, покрај оваа, беа изведени и неколку песни од „Пијан Славеј“ и неколку нумери од проектот „Реобмислување“. В.Д.