Фото: Филип Димкоски

Разговор со Олгица Андонова Паковска (74), пејачка и сликарка

  • При случајни средби со луѓе, кога разговараме за тој тип на музика, скромно им велам дека имам удел во палетата хитови од тоа време кои се актуелни и денес. Кога ќе им кажам дека сум ја отпеала „Какви очи имаш ти“ остануваат зачудени. Се разбира мене не ме препознаваат затоа што долго ме нема на сцената, но песната ја знаат

Академскиот сликар Владимир Здравески и неговата сопруга, дипломираната преведувачка од шпански јазик, Тамара Касовска Здравеска, годинава во август, нивниот прв свадбен танц го одиграа придружувани од звуците на песната „Какви очи имаш ти“. Според публицистичката книга „Богатство запишано во времето“ на новинарот Киро Герасимов, песната е снимена во 1970 година и воодушевува фактот што таа живее и носи радост дури и по педесет и пет години од нејзината прва изведба. Тоа беше повод, да дојдеме до контакт и да ја запознаеме одблиску пејачката и сликарката Олгица Андонова Паковска која ја снимила оваа песна што се вбројува во списокот на македонската шлагерска музика е претставува златна оставштина од втората половина на дваесеттиот век.

Голем дел од композициите создавани тогаш се основа за развојот на македонската поп музика. Некои од нив се слушаат и се пеат до денес и го оправдуваат епитетот евергрини. Денешните млади генерации, веќе не ни знаат кој ги испеал тие песни, чии се компзоициите, чии се текстовите и аранжманите, но добро ги знааат песните.

Во златните години на македонската музика, односно во седумдесетите години се појавува златниот глас на Македонија, Олгица Андонова (подоцна Паковска). Но, која е таа? Неа одамна не ја гледаме на естрадата. Таа срдечно и изненадено го прифати нашиот предлог за разговор, не покани во нејзиниот дом кој наликува на голема ликовна галерија и со чај и колачиња, почнавме да ги откриваме нотите на нејзиното музичко патешествие и боите на нејзиното животно платно.

Фото: Филип Димкоски

Родени сте во Кочани таму сте ги поминале своето детство и дел од својата младост. Кои спомени најмногу ве врзуваат за родниот град?
-Имав многу убаво детство, кое им го посакувам и на денешните деца. По цел ден си игравме надвор, a јадевме се што расте по бавчите. Имав многу добри родители. Во семејството работеше само татко ми и со таа плата живевме сите, заедно со моите три сестри.

Уште во првите одделенија на моето учење во ОУ „Раде Кратовче“ пеев. учествував на приредбите и цртав. Тогаш со сестра ми одевме на кино и го гледавме филмот „Слушни ја мајко мојата песна“. Многубројна публика го следеше особено заради трогателното пеење на момчето Хозелито. Три пати одев да го гледам за да ја научам песната. По повод 8 Март, со таа песна настапив на училишната приредба, а сите мајки во публиката плачеа.
Кога завршив осмо одделение, на татко ми му кажав дека сакам да учам средно ликовно или музичко училиште. Ми рече дека е убаво што сакам, но тоа ќе значи мое преселување во Скопје, целата негова плата ќе се троши за мене и не ќе може да се издржува семејството. Тогаш заплакав и сфатив дека желбата нема да ми се оствари. Се запишав во средното машинско училиште „Ѓошо Викентиев“ во Кочани. За време на моите тинејџерските години, оформивме група со име „Тенеси“ и имавме неколку настапи, а подоцна бев вокален солист и во групата „Бели бисери“.

Фото: Филип Димкоски

Кога и како официјално влеговте во светот на музика?
-Во 1969 година, дојде екипа од МРТ во Кочани за да избира најдобар глас на Македонија. Од секој град се избираше по еден претставник. Ја испеав песната „Мама“ од популарната италијанска пејачка Рита Павоне и бев избрана. Го добив епитетот „Рита Павоне од Кочани“. На финалето во Скопје, ја отпеав „Куоре“(„Срце“) повторно од Рита Павоне и ја добив наградата „Златен глас на Македонија“. По тој повод весникот „Вечер“ органзираше специјална вечер во моја чест и тоа беше можност да ме запознае пошироката јавност.

Како дојде до соработка со славните македонски музички имиња и до снимање на првата ваша песна?
-Тогаш беше така, штом ќе забележиш успех на некој фестивал, веднаш музичките уметници покажуваат интерес за тебе. Се нижеа соработки со повеќе композитори како Александар Џамбазов, Ѓоко Ѓорѓиев, Кире Костов, Трајче Органџиев, Петар Лукиќ…. Славе Димитров многу го сакаше мојот глас. Сметаше дека пеам модерно за разлика од дотогашните изведувачи. И токму затоа, првата моја песна е негова, насловена е „Се шегувам“ по текст на Ѓоко Ѓорѓиев. Интересно е што и мојата прва и мојата последна песна се композиции на Димитров.

Фото: Филип Димкоски

Како натаму се развиваше вашиот музички пат?
-Следеше настапот на Армискиот фестивал во Белград со композицијата „Ти дојде“ на Александар Џамбазов, па „Млади певају пролеќе“ (Младите ја пеат пролетта“ во Сараево каде пеев странска песна на која искрено не се сеќавам. Знам дека предизвикав интерес заради атрактивниот изглед и костимографијата. Имав афрофризура, носев шорцеви и каиш, а настапот не остана незабележан.
Потоа настапив во поуларната музичка емисија „Максиметар“ во Белград чиј водител беше Драган Николиќ. Ме најави со следните зборови „Није из великог града, али кажу да је велика нада. Олгица из земље љубави“ („Не е од голем град, но велат дека е голема надеж. Олгица од земјата на љубовта“) На Скопски фестивал ја отпеав „Ти дојде“ на Кире Костов и добив награда од новинарите. Еве ќе ви раскажам една интересна случка поврзана со тој настап на Скопски фестивал. Во тоа време публиката гласаше со билетите. Еден билет значеше еден глас. Си помислив кој би гласал за мене, непозната девојка од Кочани, па неколкуте гласови и ги дадов на колешката Лена Трајковска. Таа ги зеде и заедно со нејзините доби награда од публиката. Меѓутоа, мојот настап сепак не остана незабележан. Новинарите ја вреднувале мојата изведба и добив награда од нив што ми беше посебно драга. Кога ќе настапував на телевизија, сите мои сограѓани беа во домовите да ме гледаат и Кочани остануваше празно. Со песните добив своевидна популарност, снимав песни, снимав спотови, имав неколку учества на фестивали и гостував во речиси сите популарни музички емисии.

„Те чекам“, „Се шегувам“, „Не е возможно“, „Начинот твој“, „Елегија“, „Едно лето“, „Немир“, „Прости за се“, „Ме побаруваш ти“ (со Коле Манев), „Среќен миг“ се некои од дваесетината песни што и ги подаривте на публиката. Но се надевам ќе се согласите дека најпознати сте по „Какви очи имаш ти“?
-При случајни средби со луѓе, кога разговараме за тој тип на музика, скромно им велам дека имам удел во палетата хитови од тоа време кои се актуелни и денес. Кога ќе им кажам дека сум ја отпеала „Какви очи имаш ти“ остануваат зачудени. Се разбира мене не ме препознаваат затоа што долго ме нема на сцената, но песната ја знаат.
Во седумдесетта Ѓоко Ѓорѓиев ја водеше култната емисија „Три гонга“ во која ја отепав „Какви очи имаш ти“, композиција на Петар Лукиќ, со текст на Ѓоко Ѓорѓиев. Истата беше прогласена за хит на месецот. И еве, сега се наежив кога ми кажувате дека, денес по толку години, двајца млади ја слушаат, ја сакаат оваа песна па дури одлучиле со нив да им почне свадбата. Исто така имам сознание дека некои млади пејачки оваа песна ја изведуваат на нивните настапи. Се радувам што песната се уште живее.

Фото: Филип Димкоски

Но, во време и години кога сте можеле уште многу да и дадете на музичката сцена, вие се повлекувате. Зошто?
-На тогашниот „ТВ спот фестивал“ , настапив со песната „Не тагувај срце“ на Трајче Органџиев. Режисерот имаше идеја за љубовна сцена, а јас требаше со момче да ја одиграм таа сцена во спотот. Одбив, реков дека не доаѓа предвид, бидејќи јас веќе имам деца што одат во училиште и не ми доликува да играм таква сцена. Наместо јас, моите деца ја изведоа сцената. Иако спотот беше многу интересен, сепак не победив и тоа малку ме разочара. Меѓутоа, најмногу моето повлекување се должи на две причини. Првата, затоа што сакав да бидам посветена мајка и сопруга, а втората затоа што сфатив дека со музиката која сакам да ја изведувам која за подлошка ја има италијанската „санремовска“ мелодија, не можам да просперирам во Македонија. Имав покани за турнеи за САД и за Русија, но јас ги одбив. Со песната „Градот мој заспива“ по текст на Владо Јаневски, ставив крај на мојата музичка кариера. Симболично во песната се пее:„За секој тон и збор, о, песно фала ти, во среќа, љубов, бол, јас без тебе песно, можам ли? Да ми е исто се, пак да проживеам, цел живот малку е, тебе песно да те испеам“. Сепак останаа песните и музичката емисија продуцирана во деведесеттите од страна на Македонската радио-телевизија како сведоштво на мојата музичка кариера.

Фото: Филип Димкоски

Но, Вие имате и друга страст…. сликарството… Вашата пријателка, македонската поетеса Светлана Христова Јоциќ, запишала: Чудото на Земјата е раѓањето на најубавата жива слика: жената. А чудата на сликите на Олгица Паковска – Пако? Светлината. Светлината е присутна на сите нејзини платна. Сликарката знае како да ја постави својата суптилност, својата кристално јасна структура на сопственото „Јас“, ритамот и одекот, нежноста и раскажувањето. Таа може сè што ќе наслика да го претвори во „етеричен експонат“. Oд каде произлегува вашата ука, така вешто „да си играте“ со светлината?
-Јас не знам ништо околу тоа. Јас сум наивен сликар, и не сум завршила академија за сликарство. Сликам најчесто жени, во техника масло на платно, работам со шпакла, онака како што ме води срцето. Уште од дете, паралелно со музичкиот талент, ја развивав и дарбата за сликање…Многу мои цртежи висеа на ѕидот на моето основно училиште…Подоцна, во 1971 официјално ја насликав мојата прва слика цо техника масло на платно. На сликата е претставен портрет на стара жена. Дошол еден човек од Грција, таа слика многу му се допаднала и ја купил. Откако дознав за тоа од сопругот, почнав да плачам. Плачев цели три дена. Му реков на сопругот како знае, да најде начин сликата да ми се врати. Тој се јави кај купувачот и му речe: „Врати ми ја сликата, жена ми ќе умре од плачење по неа“. Човекот дојде, ја врати сликата и наместо неа купи друга. Таков човек сум јас, мене парите не ме интересираат, важни ми се нематеријалните нешта.
Првата изложба ја направив во галеријата „Стоби“ во ГТЦ на покана на Васе Урдин, а потоа реализирав уште неколку изложби во Скопје, Кочани, Охрид и една во Љубљана, Словенија. Сликам до ден денес, а по разговоров ќе ви ги прикажам моите најнови дела. Мојот живот е исполнет со креативност. Иако не пеам, кога сум сама потпевнувам низ дома, сликам, готвам за семејството, го уредувам дворот, а имам и своја градина во с. Пантелеј, во близина на Кочани, изработувам накит, и украси за дворот од рециклирани материјали, шијам, плетам…

Дали нашиот културен простор овозможува да се изрази и да се претстави еден наивен сликар?
-Познато е дека во светот, наивната уметност е многу ценета, но кај нас тоа не е случај. Сепак тој факт, не е пречка да се продолжи да се твори. На изложбата во моето родно Кочани, немаше некој особен интерес за моите слики.. Но. на изложбата, случајно беа присутни две момчиња од Словенија на кои многу им се допаднаа моите слики. Ме прашаа каде сум завршила академија, а јас им одговорив дека сум наивен сликар. Тие биле на некој натпревар во Кочани и добиле награда која е парична, па средствата ги искористија да купат една моја минијатура.
По еден месец, се јавија од Словенија и ме поканија да правам изложба во Љубљана. Иако се двоумев, семејството ме поддржа и отидов. Изложбата беше во една многу стара катедрала. Мене ми се наежи кожата и почнаа да ми течат солзи кога видов како изгледаат моите слики во таквиот амбиент. Снимаа пет телевизии кои секојдневно за време на изложбата емитуваа инсерти од истата. Откако се вративме во Скопје, по една седмица ми стигна информација дека сите дела се продадени. Повторно отидов во Словенија, а пред катедралата каде што се одржуваше изложбата имаше еден куп народ. Тоа беа луѓето кои одлучиле да ги купат моите дела. Не можев да поверувам дека тоа мене ми се случува. .Летово, истите момчиња од Словенија, ме посетија повторно, пак избраа слики…Многу ми е драго што некој го цени она што го создавам од срце. Се надевам дека ќе успеам, а би сакала да направам уште една изложба со моите нови дела..

Како што внесувате светлина на сликарското платно, се чини така постојано сте „дотурале“ сонце во вашиот живот. Како да се пропатува ведро низ животот?
– Решението е едноставно, треба да се простува и да се наоѓа задоволство и радост во малите нешта.