Посети го музејот
Спомен-куќата на Васил Главинов, првиот пропагатор на социјалистичките идеи во Македонија, денес е музеј посветен на неговиот живот и дело. Куќата се смета за еден од најубавите белези на старатa велешка архитектура. На првиот кат од куќата се наоѓа чардакот, кој од левата страна продолжува во гостинска одаја. Од десната страна на чардакот има две други простории. Гостинската одаја има врата со правилна форма. Прозорците се со хоризонтални и вертикални пречки, а завршуваат во барокна форма. На вториот кат се наоѓа чардак со неправилна форма.
Во музејот е отворена и поставка на фотографии, документи и друг материјал. Предметите и делата се исклучиво поврзани со животот и работата на Главинов.
Меѓу документите се и фотографии на неговиот учител, Џинот, кај кого го стекнал основното образование, како и фотографии на Јане Сандански и Даме Груев, со кои соработувал.
Спомен-куќата на Главинов е во непосредна близина со спомен-куќите на Џинот и Касапови во месноста Долни Дуќани во стариот дел на Велес. Во една од просториите се фотографиите од неговиот живот и дело, во друга е столарската работилница со алатките со коишто работел.
Васил Главинов, роден 1869 г. во Велес, е организатор на работничкото движење во Македонија. Во 1894 г. го основал „Читалиштето“, првото просветно-работничко друштво во Македонија.