Фото: М.Т
По концертот „Фолклорно-класична симбиоза“ во НОБ

Браво за музичкиот спектакл, браво за прекрасниот музички проект, за „Танец“. Бевме сведоци на музички концерт за паметење, концерт кој уште многу долго ќе биде во спомените на сите присутни“, гласеше еден од бројните коментари по вчерашниот уникатен концерт насловен „Фолклорно-класична симбиоза“ што се одржа во Националната опера и балет.

Ансамблите на „Танец“ заедно со своите колеги од НОБ за првпат соединети во ваква симбиоза приредија вистински спектакл за кој уште долго ќе се раскажува.

Хорот и оркестарот на НОБ, заедно со Народниот оркестар и играорците на националниот фолклорен ансамбл „Танец“ ни покажаа на најубав начин дека имаме со што да се гордееме како народ. И додека на видеобимовите се редеа приказните за Македонија, која од која поубава, во салата одекнуваше величествениот звук во кој се испреплетуваа класиката и традицијата, облагородени со аранжманите на Дарко Илиевски, нашиот истакнат инструменталист, автор и раководител на оркестарот на Танец.

Македонскиот бит, кој е нераскинлив дел од кодот на Македонецот, овојпат рамо до рамо со класиката, ги премости и времето и просторот.Час и половина срцето на сите присутни чукаше во неправилен ритам, а громогласен аплауз, одекнуваше по секоја точка , како излив на искрени емоции од страна на публиката и почит за направеноиото за сите 130 уметници на сцената.

И многумина си помислија: овој концерт мора да го видат што повеќе луѓе не само во Македонија. Децата од најмала возраст токму преку вакви настани треба да учат за музиката, за тоа што е македонски фолклор, што е класика, со кои иснтрументи се свири, што е хор, што се македонски ора и како се играат и пред и над се – како звучи Македонија!

Играорците на „Танец“, нашите фолклорни амбасадори во светот , како и секогаш и овојпат, беа совршени, слеани со музиката и нивната игра беше како и прекрасниот македонски вез, се под конец, колоритно, необично, нималку лесносно, но толку убаво и блиску до совршенство.

Сите уживавме во антологиски кореографии „Осоговка“, „Малешевка“, „Жетварка“, „Пиринско пролетно цвеќе“, „Водарки“, како и во многу други македонски хорски и вокални мелодии од богатиот репертоар на „Танец“. Се беше надополенто со фантастичната изведба на сите музичари на сцената и секако со гласот на хористите.

Оваа фузија на две традиции – класиката и фолклорот, функционираше беспрекорно под диригентската палка на маестра Бисера Чадловска, а концерт-мајстор е Верица Ламбевска.

Секако, за успешно релаизираниот прокет заслужни се и првиот човек на „Танец“, Мартин Вучиќ и уметничката директорка Бранка Костиќ Марковиќ.

Сите овие ентузијасти и чувари на македонската фолклорна традиција и овојпат приредија празник за сите сетила. Едноставно, ова беше спој на традиција, убавина и идентитет.

И сите уште еднаш се уверивме зошто македонската народна мзуика со векови е инспирација за многу автори кои создаваат класичнни, но и современи и популарни дела.

За македонскиот автентичен звук не постојат граници, бидејќи неговата вредност уште долго ќе ја раскажува македонската приказна, особено со вакви проекти како што е „Фолклорно-класична симбиоза“.