Осумдесет години МНТ

Поради трагичниот настан што длабоко ја потресе целата нација и пошироко, МНТ се обраќа со искрено сочувство до сите засегнати и солидарност кон тешко повредените. Во знак на почит кон жртвите, нивните семејства и деновите на национална жалост, оттаму информираат дека закажаниот спектакл „Сонето, колку е блиску сонето!, мејд ин МНТ“, во режија на Дејан Пројковски, кој требаше да се одржи в четврток, на 3 април, по повод одбележувањето на 80-годишнината од постоењето на Македонскиот народен театар, се одложува за наесен.
Во чест на кревањето на црвената завеса и првата изговорена реплика пред 80 години, на 3 април, во Македонскиот народен театар ќе се одржи маратон со следниот распоред: во 10 и во 12 часот ќе се одиграат двете изведби на детската претстава „Распеана турлитава“. Потоа од 18 часот следува „Бели ноќи“, „Мој термин“ од 19 часот и „Торонто експрес“ од 21.30 часот. Вратите за публиката ќе бидат отворени, односно билетите ќе бидат достапни гратис, а публиката ќе може да ги подигне на билетарницата на МНТ.

За изведбите на детската претстава, билетите ќе се подигаат на 2 април од 12 до 20 часот, а за вечерните изведби, на 3 април од 12 часот.
Следниот ден, на 4 април, директорот на Македонскиот народен театар, Никола Кимовски, патува во Атина, каде што, во чест на одбележувањето – 80 години МНТ, а во рамките на Европската театарска конвенција (ETC), ќе има официјално обраќање. Меѓународната театарска конференција на ETC ќе се одржи од 3 до 7 април во Националниот театар на Грција во Атина. Со обновување на членството на Македонскиот народен театар во ETC, која е водечка и значајна мрежа на јавно финансирани театри во Европа, со 63 театри членки од 31 земја, ETC е посветена на промовирање на современата драма, олеснување на уметничките размени и поттикнување на културната разновидност во европската театарска уметност. Организацијата служи како платформа за дијалог, демократија и интеракција, со цел да рефлектира и да привлече разновидна публика и општества во постојан развој.
Во рамките на 80 години МНТ, на 5 април во 20 часот на малата сцена публиката ќе ја гледа „Поетроника“ во новиот суптилен и културолошки значаен проект на Оливер Митковски и Андреја Салпе што вешто ја спојува современата македонска поезија со електронската музика. Мултисензорно искуство каде што музиката, поезијата и боите од видеоартот ќе раскажат сосема нова приказна, по вторпат во МНТ. Билетите ќе бидат бесплатни и ќе се подигнуваат на денот на изведбата.