Фото: „МакеДокс“

Традиционално на фестивалот „МакеДокс“ ќе се доделат пет награди, „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Награда за најдобри етички идеи, а во комисиите за наградите членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот филмски свет. Објавата и доделувањето на наградите на „МакеДокс“ ќе се одржи на последниот фестивалски ден на 28 август, во 20 часот, во Куршумли ан.

Членови на комисијата за наградата „Кромид“ за најдобар долгометражен документарен филм се Марк Едвардс, Џејмс Берклаз-Луис и Маргарита Арсова.

Марк Едвардс е продуцент и водител со 30-годишно искуство во индустријата. Кариерата ја започнува во Њујорк во 1990-тите години. Од 1995 година живее во Париз. Четири години бил директор на Фондацијата „Шоа“ (основана од Стивен Спилберг) во Франција. Во 2012 година се приклучува на француската „Арте“. Во 2021 година бил назначен за директор на Одделот за документарни филмови во Европа во „Нетфликс“. По заминувањето од „Нетфликс“ во 2024 година, продолжува да работи како независен продуцент и медиумски консултант.

Од 2023 година, Џејмс Берклаз-Луис е програмски раководител на Филмскиот фестивал „Визии за реалноста“ (Visions du Réel) во Нион и истовремено го води Програмскиот оддел на Меѓународниот фестивал на забавни филмови во Веве. Во досегашната кариера има работено како главен координатор на Меѓународниот филмски фестивал и форум за човекови права во Женева (2016 – 2020), по што бил дел и од програмскиот тим на Меѓународниот фестивал на фантастични филмови во Нушател сè до 2023 година.

Маргарита Арсова е продуцентка во културата и проектна менаџерка со богато искуство во организација на фестивали и управување со културни настани. Од 2010 година таа е составен дел од Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, придонесувајќи за неговиот развој како едно од водечките културни места во Европа.

Маргарита Арсова / Фото: Жарко Чулиќ

Таа е извршна продуцентка на Фестивалот на европски филм „Синедејс“, каде што е одговорна за програмата, финансирањето и вклучувањето на публиката, а има значајна улога во подигнувањето на меѓународниот углед на фестивалот. Дополнително, таа е и кокураторка на програмата на фестивалот „Здраво млади“, кој е посветен на иновативна музичка програма.

Фото: „МакеДокс“

За наградата „Млад кромид“ одлучува жирито во состав Вардан Тозија, Трулс Лие и Мара Прохаска Марковиќ.

Вардан Тозија е филмски режисер и сценарист. Дипломира на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Пред да почне да се занимава со режија, работел како новинар и уредник во домашни весници и списанија. Режирал неколку кратки играни филмови и документарци: „Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по глава“, „Свиркачот“, „Еден“, „Дома?“. За својот дебитантски игран филм „Амок“, кој беше премиерно прикажан на Филмскиот фестивал во Чикаго и селектиран на над 20 престижни филмски фестивали низ светот, има добиено важни критички признанија и бројни награди. Неговиот втор игран филм „М“ досега патуваше на над 30 фестивали по неговата фестивалска премиера во 2024 година и собра 11 награди.

Трулс Лие има повеќе од 30-годишно искуство како уредник на весници и магазини. Тој е уредник на кино-политичкиот документарен магазин „Modern Times Review“ (од 2017 година). Од 2015 година е и уредник на NY TID (современи времиња), норвешко квартално списание во форма на печатена книга, посветено на публицистика и нефикција. Како документарист, создава есеистички документарни филмови.

Мара Прохаска Марковиќ е историчарка на уметност, кураторка и продуцентка која живее и работи во Белград, Србија. Со над 20 години искуство во јавниот, граѓанскиот и приватниот сектор, таа има долго и опсежно работно искуство во областа на културата и аудиовизуелната индустрија. Нејзината експертиза вклучува продукција и кураторство на бројни културни настани, фестивали, изложби, уметнички резиденции и уметнички дела како во Србија, така и на меѓународно ниво. Од 2009 година е дел од организацискиот тим на Меѓународниот фестивал на документарен филм „Белдокс“, a од 2020 година е директорка на фестивалот.

За наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарен филм одлучува жирито во состав Памела Кон, Игор Прасел и Габриела Даниелс.

По потекло од Лос Анџелес, а со адреса на живеење во Хелсинки, Памела Кон работи како филмска кураторка, новинарка за уметност и култура, менторка и консултантка за документарни проекти. Членка е на Одборот за филмска селекција на „ДокуФест“ и води редовни серии разговори за потребите на Документарната асоцијација „Европа“ во Берлин. Памела е независна членка на Меѓународната федерација на филмски критичари – ФИПРЕСЦИ и води работилници за млади филмски критичари во Унгарија и Србија.

Игор Прасел е роден во 1971 година во словенечкиот крајбрежен град Копер. Од 2002 година, секој месец организира серија проекции посветени на анимираниот филм во Словенечката кинотека, каде што моментално работи како филмски куратор. Во 2004 година го основа и оттогаш е уметнички директор на Меѓународниот фестивал на анимиран филм „Аниматека“.

Габриела Даниелс е продуцентка, менаџерка за продукција и експертка за дистрибуција со над 10-годишно искуство во управувањето со продуцентската компанија „Јуроп медиа нест“, која ја популаризира иранската култура во меѓународниот филмски свет. Живее во Прага. Соработувала со признати режисери, како Мохамед Расулоф, Махназ Мохамади или Пега Ахангарани на наградувани проекти, вклучувајќи ги: „Нема зло“ („Златна мечка“, Берлинале, 2020 г.) и „Се обидувам да се сетам“ (Награда од жирито во Бусан, Посебно признание на „МакеДокс“, 2022 г.).

Комисијата во состав Дина Покрајац, Танос Ставропулос и Неда Миланова одлучува за наградата „Кокарче“.

Дина Покрајац е филмска критичарка и кураторка, која живее во Загреб. Дипломира новинарство и политички науки на Факултетот за политички науки и е докторанд на Одделот за етнологија и културна антропологија на Филозофскиот факултет во Загреб. Работи за „Рестарт“ и е менаџерка на „Докукино КИЦ“ – уникатна кинолокација во регионот, посветена на документарните и хибридните филмови. Таа е уметничка директорка на фестивалот „Субверзив“,како и селекторка и координаторка на дискурзивната програма за „ЗагребДокс“. Членка е на Европската филмска академија и на ФИПРЕСЦИ.

Воден од длабокиот интерес за филмот, Танос Ставропулос стигнува до Фестивалот на документарен филм во Солун. Низ годините, станува клучен член на програмските и координативните тимови на Меѓународниот филмски фестивал во Солун (TIFF), Меѓународниот фестивал на документарен филм во Солун (TiDF) и филмскиот проект „Евија“. Од 2022 година, Танос ја презеде позицијата менаџер на меѓународниот настан за филмската индустрија „Агора“ во рамки на Филмскиот фестивал во Солун.

Неда Миланова со години работи во областа на документарната кинематографија како продуцентка во „Агитпроп“ и како проектна раководителка во Балканскиот документарен центар. Од 2020 година, таа е дел од тимот на софискиот фестивал „Документал“ како раководителка на одделот индустрија. Има искуство во архивско истражување за документарни филмови и е еден од основачите на Киноклуб „Супер 8“.

За Наградата за најдобри етички идеи одлучува комисијата во состав Морин Принс, Мира Гаќина и Капка Касабова.

Морин Принс дипломира во 2000 година на Северното медиско училиште во Шефилд како режисерка, монтажерка и продукциска дизајнерка. Кариерата ја гради снимајќи независни кратки филмови и усовршувајќи се во употребата на филмот како алатка за општествена промена и подигање на свеста. Водена од пасијата да го демократизира киното така што ќе ѝ овозможи пристап на секоја публика, во 2006 година го основа првото „Соларно кино“ во Холандија, подвижно кино кое во целост ја напојува својата опрема само со сончева енергија и така ги носи филмовите во културно најсиромашните области во светот.

Мира Гаќина е виш куратор, критичарка и истражувачка чија работа се занимава со прашања поврзани со идентитетот, миграцијата и социјалната правда. Во својата кураторска практика посветено го испитува пресекот на уметноста, активизмот и општествените промени, со фокус на улогата на уметноста во поттикнувањето на критичкиот дијалог и во промовирањето на институционална и општествена трансформација. Таа беше комесар на Павилјонот на Северна Македонија на 58. Венециско биенале. Била претседателка на Здружението на ликовните критичари АИКА Македонија (2014 – 2018) и директорка на Музејот на современата уметност (2017 – 2023).

Наречена „поет лауреат на маргините“, Капка Касабова е поетеса, романописец и писателка на нефикција, најпозната по нејзиниот балкански квартет, кој истражува луѓе и места и кој ги опфаќа романите: „Граница“ (2017), „Кон езерото“ (2020), „Еликсир“ (2023) и „Анима“ (2024). Комбинирајќи мемоари, антропологија, историја и екологија, овие книги создаваат своја литературна форма преку која го истражуваат човечкото искуство во балканската средина. Пораснала во Софија, а во тинејџерските години емигрирала со своето семејство во Нов Зеланд. Подоцна, како возрасна личност, се враќа во Европа и оттогаш живее во Шкотска. Нејзините дела се преведени на многу јазици и наградени со бројни литературни награди, вклучувајќи ги Наградата на Британската академија и наградата „Никола Бувие“.

Партнери на „МакеДокс“ се ППФП, МКЦ – Младински културен центар, Кинотека на Република Северна Македонија и фестивалската мрежа „Doc Around Europe“.

Шеснаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенција за филм на Република Северна Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Амбасада на Франција, Француски институт, Амбасада на Кралството Холандија, Австриска Амбасада, Казино Австрија, Грчки филмски центар, Гете институт, Скопско смут, Амбасада на Република Чешка, Чешкиот културен центар во Софија, Младинскиот културен центар, Музеј на Македонија, Археолошки музеј, Факултет за ликовни уметности, такси „Глобал“.

Фото: „МакеДокс“
Фото: „МакеДокс“
Фото: „МакеДокс“
Фото: „МакеДокс“
Фото: „МакеДокс“

Медиумски покровители на 16. „МакеДокс“ се МТВ – Прв програмски сервис, Слободен печат, Нова Македонија, Еспресо.мк, МКД.мк, УМНО.мк, СДК.мк (Сакам да кажам.мк), Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена 5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк, Кајгана Медиа, Култура Бета, Трн, Блен.мк и Медуза.