Соња Стојменска-Елзесер, претседателка на Друштвото на писатели на Македонија / Фотографија: МКЦ (2021)

РАЗГОВОР СО СОЊА СТОЈМЕНСКА-ЕЛЗЕСЕР, ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА ДРУШТВОТО НА ПИСАТЕЛИ НА МАКЕДОНИЈА

Негувам огромна почит кон постарите членови на ДПМ, но движечката сила на процесите во асоцијацијата природно ја поврзувам со помладите автори. Да потсетам дека во мигот на основањето на ДПМ Конески, првиот претседател, имал 26 години, Јаневски 27, Митрев 28, а Крле и Иљоски, постарите членови, имале по 47 години. Ако нешто создава отпор кај помладите кон ДПМ, тогаш можеби тоа е застарениот начин на функционирање и недостатокот од професионализам, кои треба заеднички да ги надминеме

На 13 февруари, 1947 година во Скопје било основано Друштвото на писателите на Македонија. Основачи биле Блаже Конески (прв претседател), Димитар Митрев, Славко Јаневски, Васил Иљоски, Ристо Крле, Иван Точко, Венко Марковски, Владо Малески, Ацо Шопов и Коле Чашуле. Денес се означува 75 години од неговото основање.
Соња Стојменска-Елзесер е есеистка, критичарка и теоретичарка од областа на книжевноста. Докторка по филолошки науки, професорка и научна советничка во Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Таа е членка на македонскиот ПЕН и актуелна претседателка на Друштвото на писателите на Македонија.

Седумдесет и пет години постоење на Друштвото на писателите на Македонија е сериозна бројка за една земја. Какво е чувството да се негува она што го започнаа Васил Иљоски, Славко Јаневски, Блаже Конески, Ристо Крле, Владо Малески, Димитар Митрев, Иван Точко, Коле Чашуле и Ацо Шопов?

– Накусо: тоа е светол аманет! Обврска и радост! Чест и гордост! Писателската асоцијација е битна алка во книжевниот живот, а тој е значаен сегмент на културата на една општествена средина. Тоа многу добро го знаеле основачите на ДПМ на 13 февруари 1947 година, а и ние не смееме да го заборавиме денес, кога многукратно е нараснат бројот на писатели. Здружението е еден од запчаниците што го обезбедуваат механизмот на творештвото, влијаат врз зацврстувањето на книжевната меморија, а воедно ја придвижуваат книжевната актуелна ситуација. Оттаму ДПМ има две основни заложби во дејствувањето: првата е чествување и меморирање на книжевното минато, а втората е обезбедување поволна клима за непречено творење на современиците. Под поволна клима се подразбира одбрана на нивните права и углед, нивната слобода на израз, како и справување со глобалните предизвици од најразличен вид што се поставени пред литературата како уметност.

 

Покрај Светлана Христова Јоциќ, вие сте втора жена-претседателка на Друштвото. Почувствувавте ли, барем на моменти, дека има уште многу борба, посебно кога жената е на висока функција?

– Борба е пресилен збор, но сум почувствувала честопати сомнеж, недоверба и дури потценување од некои колеги. Некои и директно ми се обраќале со зборовите: „Треба тука поцврста рака, да удри на маса!“ Многумина ми замеруваат што не сум почесто дел од кафеанските мудрувања.

Би сакала само нешто да искоментирам во однос на „високата функција“. ДПМ не е организирано според некоја строга хиерархија, така што претседателот е само еден од членовите што си зема обврска во мандатот да се грижи за дејствувањето на здружението. Затоа и мандатот можеби треба да биде покус и сосредоточен на книжевните активности, додека за финансиско-административните и режиски аспекти треба да се грижи некоја посебна служба.

Но, за да се подобруваат и осовременуваат работите во друштвото во сите домени неопходна е „дружба“ (оти друштвото е дружење!), пред сѐ на управното тело, а потоа и на мнозинството членови. Со други зборови – потребна е поголема комуникација, заемна почит, разбирање и активна размена на мислења. За жал, морам самокритично да констатирам дека во изминативе неколку години не постигнавме високо ниво на таква конструктивна дружба, ниту во управното тело, ниту пошироко во асоцијацијата (со извесни исклучоци!). Лесно е да ја обвинуваме короната за тоа, но мислам дека причините се многу подлабоки.

Какви предности и слабости увидовте во ДПМ во овие неколку години?

– ДПМ е во многу незавидна состојба. Стереотипот за некоја моќ и општествено влијание кој важел за ДПМ во минатото се провлекува и денес, но тој е многу далеку од реалноста. Еве, и вие во прашањата употребувате термини како „висока функција“, „институција“ и сл. ДПМ е здружение на граѓани, еснафска заедница, која подразбира заеднички интереси на луѓе на кои пишувањето литература им е преокупација. Порано тоа било под директна државна капа, но имало и политичка конотација; сега е обично здружение кое отфрла секаква политичка конотација, па можеби и затоа никој не се грижи посебно за него (а би требало, барем од аспект на сочувување на историските вредности, да добие специјален државен третман!). ДПМ добива скромна државна финансиска поддршка по пат на пријавување проекти, како сите останати здруженија и издавачки куќи. На тој начин опстојуваат основните активности на ДПМ: традиционалните годишни награди и неколку востановени манифестации. Сите тие во периодот на пандемија се редуцирани и модифицирани, но редовно се одржуваат. Светла точка во овој период е објавувањето на гласилото на ДПМ „Стожер“, кое благодарение на мала група ентузијасти од уредувачкиот одбор добива сѐ поголем квалитет и читаност. Во изминатата година, во која одбележавме 100-годишен јубилеј од раѓањето на Блаже Конески, ДПМ оствари мошне успешни поетски средби во Небрегово и во НУБ „Св. Климент Охридски“ посветени на неговиот лик и дело. За сите активности постојат видео-записи достапни во електронска форма.

Стојменска-Елзесер пред куќата на Конески во Небрегово / Фотографија: Приватна архива

Владимир Јанковски, Румена Бужаровска, Елизабета Баковска, Јовица Ивановски, Снежана Младеновска-Анѓелков и Никола Маџиров се новите членови на Друштвото на писатели. Нивниот влез во институцијата не е како што беше досегашната пракса, преку конкурс, туку по принцип на специјална покана. Некои членови изреагираа на ова. Ќе се применува ли и понатаму оваа пракса и зошто не се практикуваше досега?

– Во минатото имало периоди кога никој не можел самостојно да аплицира за членство во ДПМ, морало иницијативата да дојде од внатре, од постојното членство, што всушност претставува еден вид покана. Управните органи низ годините ги одредувале параметрите за прием. Последниот пат, во 2019, имавме јавен повик, а оваа година на состанок на Претседателство одлучивме да спроведеме и прием по пат на покана во рамки на свечениот 75-годишен јубилеј. Некои од поканетите го одбија членството. Сметам дека ова е подостоинствен модус, затоа што има автори што не сакаат самите да се наметнуваат како членови и да „молат“ да бидат примени, но ако бидат поканети, ете, одговараат позитивно. При јавниот повик, кога се пријавија голем број кандидати, мораше да се направи избор, при што одбиените неминовно се почувствуваа повредени. Останува на идните управни органи да одлучат со каков модус ќе ги спроведуваат следните приеми.

Помладите автори имаа голем отпор да станат дел од Друштвото на писателите. Меѓутоа, изминативе четири години тоа некако се смени, па членови станаа повеќе книжевни имиња од помладата генрација, што е многу важно за книжевната сцена. Каде го излоциравте проблемот, со што ги придобивте?

– Судири меѓу стари и млади се нормална појава во литературата и токму таквите конфронтации во книжевниот развој биле секогаш многу продуктивни. Но, тие треба да се одвиваат на исто творечко боиште и во заедничко друштво. Затоа е важно старите и младите да се среќаваат, а не да се игнорираат меѓусебно. Не сум направила ништо што би можела да го наречам „придобивање“ на младите, само во секоја прилика сум истакнувала, а и сум покажувала на дело, дека го почитувам творештвото на младите, дека верувам во нормалниот природен процес преку кој секоја младост си носи некој нов творечки елан и стил, и дека всушност возраста не е воопшто важна за писателската фела, па исти можности за презентација на умешноста (доколку ја има) треба да имаат писателите од сите генерации. Негувам огромна почит кон постарите членови на ДПМ, но движечката сила на процесите во асоцијацијата природно ја поврзувам со помладите автори. Да потсетам дека во мигот на основањето на ДПМ Конески, првиот претседател, имал 26 години, Јаневски 27, Митрев 28, а Крле и Иљоски, постарите членови, имале по 47 години. Денес за автори од „помладата генерација“ ги сметаме оние во четвртата деценија од животот. Ако нешто создава отпор кај помладите кон ДПМ, тогаш можеби тоа е застарениот начин на функционирање и недостатокот од професионализам, кои треба заеднички да ги надминеме, во пријатна атмосфера на дружба и заемна почит.

Друштвото на писателите е институција чијашто должност е да го негува македонскиот јазик, кој подолго време е на голем удар. Меѓутоа, не е тоа „должност“ само на одредени институции, туку на цел народ. Колку е важно да се биде свесен за чувањето на мајчиниот јазик?

– Многу е важно – јазикот е идентитетскиот код. А за писателите и повеќе од тоа. Тој е градбениот материјал за нивните дела, нивниот основен медиум. Преку своето творештво писателите го збогатуваат и витализираат јазикот. Јазикот и писателот не можат еден без друг. Можеби затоа проблематизирањето на јазикот најмногу ги погодува писателите. Но, истовремено, најцврстиот бедем пред нападите врз јазикот е квалитетната, високо-уметничка литература.