Соло-концерт на пијанистката Анастасија Кочева ќе се одржи утре, во 20 часот,
во „Салон 19.19“ во Културно-информативниот центар. На програмата се дела од Франц Шуберт и Морис Равел. Ќе бидат изведени „Три композиции за пијано“ на Франц Шуберт и „Огледала“ на Mорис Равел.
Анастасија Кочева (1997) ѝ припаѓа на новата генерација активни и надоаѓачки пијанисти на домашната сцена. Своето формално музичко образование го започнува на седумгодишна возраст, а го заокружува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на Ана Гацева, каде што дипломира и магистрира. Добитничка е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари.
Освен на класичната, таа е активна и на алтернативната и независна музичка сцена, создавајќи авторска електронска музика, како и со учество во различни импровизациски формации. Минатата година го објави својот деби-албум насловен „Тар“, во издание на „Стотројка“ – издавачка куќа зад која стои независното радио „Канал 103“. Моментално работи како наставничка по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.