Концерт насловен „Заедно“, на кој ќе бидат изведени Концертот за виолина, виолончело и пијано во Це-дур, оп.56 од Лудвиг ван Бетовен и „Фантастична симфонија“, оп. 14 од Хектор Берлиоз, ќе одржи оркестарот на Македонската филхармонија, вечерва, со почеток во 20 часот. Диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија, а како солисти ќе настапат виолинистката Софи Хајнхрих (Австрија), пијанистката Марија Вршкова (Македонија) и виолончелистката Михе Рио (Кореја).
Конрад ван Алфен е „инспиративен диригент што прави нештата да се случуваат“, ќе напише критиката за холандскиот маестро, кој е чест диригент на Филхармонијата, а пред една година беше и почесен гостин диригент со нашиот оркестар. Овој етаблиран холандски/јужноафрикански диригент се стекна со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката, благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Скорешните интернационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година, Конрад ван Алфен беше на позицијата шеф-диригент на државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што ја доби наградата за својот придонес во културата во Јужна Русија. Во моментот е уметнички директор на „Московското филхармониско здружение“.
Германската виолинистка Софи Хајнрих е постојано на сцената како солист. Значајни педагози во нејзината кариера се проф. Антје Вајтхас, како и проф. Томас Брандис, кај кого ги завршила постдипломските студии на Универзитетот за музика во Либек и каде што била негов асистент. Дополнителна инспирација за неа биле и имиња како Гидон Кремер, Мидори, Рајнхард Гебел, Изабел ван Кеулен, квартетот „Артемис“… Добитничка е на награди на повеќе меѓународни натпревари. Во 2009 г. го привлекла вниманието како најдобра Германка меѓу последните шест виолинисти во полуфиналето на натпреварот АРД во салата „Херкулес“, во Минхен.
Македонската пијанистка Марија Вршкова дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Тодор Светиев, кај кого ги завршува и магистерските студии по пијано. Во текот на образованието се закитила со повеќе награди во рамките на поранешна Југославија, а нејзина најзначајна меѓународна награда е третата награда на Меѓународниот натпревар за млади пијанисти во Рим, Италија. Вршкова негува посебен афинитет кон современата музика, совладувајќи ги бравурозно најновите пијанистички техники. Реализирала над 50 светски премиерни изведби на солистички и камерни дела.
Критиката е постојано на страната на корејската виолончелистка Михе Рио, оценувајќи ги нејзините изведби како врвни. Се издвојува нејзиниот настап со „вечната кралица“ меѓу сите пијанисти Марта Аргериќ во „Тонхале“, во Цирих, и со виртуозот на виолина Шломо Минц во „Лист“, во Будимпешта. Се запишала во „Џулијард“ на шеснаесет години, а студиите ги завршила на Универзитетот во Мичиген. Таа е една од најбараните виолончелистки, настапува со многубројни оркестри, како што се Симфонискиот оркестар на Берлин, Симфонискиот оркестар на Нирнберг, Симфонискиот оркестар на Радио Прага, Израелската симфонија, Филхармонијата на Хонгконг, на Малта, на Сеул, Корејскиот симфониски оркестар и други оркестри во Азија…