фото: Струшки вечери на поезија

Со поетското читање „Мостови” и врачување на наградитe, „Златен венец“, „Браќа Миладиновци”, „Мостови на Струга” и „Млада Струга“ свечено се затворија 63-тите „Струшки вечери на поезијата“.
Свеченото затворање на манифестацијата и годинава традиционално се одржа на Мостот на поезијата, кое беше проследено со спектакуларен огномет.
Претседателката на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, му го врачи „Златниот венец“ на лауреатот, францускиот поет Жан Пјер Симеон.

фото: Струшки вечери на поезија

– Ако песната е срцето на животот што бие, Струга, во срцето на милениумската Европа, е срцето на поезијата што бие. И ако треба да изразам благодарност оваа вечер, тоа секако ќе биде за огромната чест што ми е направена, но, исто така и пред сè, во името на сите поети кон оние кои, во оваа природна песна од планини, шуми, езера – во Македонија, ја држат високо крената светилката на поезијата. Затоа, „Струшките вечери на поезијата“ се мугрите на срцето и на духот – изјави лауреатот Жан-Пјер Симеон.
Глигор Стојковски ѝ ја врачи наградата „Браќа Миладиновци“ на поетесата Катица Ќулавкова, за поетската збирка „Небото ми е дом“.

фото: Струшки вечери на поезија

Наградата „Мостови на Струга” за најдобра дебитантска поетска збирка годинава ја понесе поетесата Катрин Пиц од Германија, за збирката „Вакви денови имало отсекогаш“, а наградата ѝ ја врачи директорот на „Струшките вечери на поезијата“, Тодорче Тасевски.

фото: Струшки вечери на поезија

Наградата „Млада Струга“ ѝ беше врачена на поетасата Филипа Сара Попова за збирката „Скршен терариум“.

фото: Струшки вечери на поезија

Манифестацијата продолжи со меѓународно поетско читање „Мостови“, на кое настапија бројни странски и македонски поети.
Фестивалот продолжува и во текот на утрешниот ден, со настанот „Поезија на пат“, каде што поетите ќе се претстават во Домот на културата „Наум Наумовски Борче“ во Крушево (12 часот), а официјалното затворање ќе се случи на платото пред Музејот на современата уметност во Скопје со меѓународен поетски митинг (20:30 часот).
Мотото на годинашниот фестивал е „Допир на убавината“.