Изложбата „Македонска глаголица – Визуелни рефлексии“
на Лазе Трипков на „Струшките вечери на поезијата“

Во рамките на програмата на 64-те „Струшки вечери на поезијата“ во хотелот „Дрим“ е отворена изложбата „Македонска глаголица – Визуелни рефлексии“ на Лазе Трипков, кој е и автор на визуелните материјали, плакатот и на изложбениот материјал на ова фестивалско издание.
На изложбата се претставени десетина графички дизајнирани плакати со македонската глаголица.
– Моите дела се одредена рефлексија на тоа што треба да претставува самиот знак. Кога ќе го погледнете плакатот, треба да пробате да ја разберете логиката на знакот. Тоа не се хиероглифски форми. Тоа се форми што метафорички ја пренесуваат суштината на Библијата. Аз буки вједи, добро јест живјети, значи оној што ги разбира буквите, знае да ги препознае и зборовите и ќе биде поблиску до Бога и ќе живее. Тоа било практично, нашиот живот е толку испревртен, предоминантен со технолошки оптоварувања, а тие едноставно му пришле на тоа со голема логика и сенс. Со многу широко разбирање направиле еден знаковен систем што требало да ги образува сите Словени – вели Трипков.
Глаголицата, за него, не е само елемент што живее во форма на изложба, туку од пред три години ја префрлил во виртуелната реалност.
– Сметав дека начинот на кој таа ќе кореспондира со публиката ќе биде подобар за директно да се доживее и да се транскрибира тоа чувство, таа емоција што ја носи до секој поединец што ќе го користи виорот. Со тимот на „Галактик Омнивор“ ја развивме целата таа идеја. Заинтересираните имаа можност преку уред, очила, да го доживеат тоа чувство од 9 век. Идејата е да се вратиме назад во 9 век со историски контекст, но со современа димензија, која ќе може повеќе да го приближи на нашите денешни согледувања. Со виртуелната реалност сакаме да предложиме еден поинтерактивен пристап каде што ќе кажеме дека уметноста и културното наследство одат рака под рака со технологиите. Ако не ги пратиме технологиите, можеме и назад да останеме – дециден е авторот.