Со филмот „Јон Вардар против Галаксијата“ на режисерот Гоце Цветановски вечерва се отвора фестивалот „Киненова“ во киното „Фросина“ во МКЦ. Во 20 часот е црвениот тепих, а во 20:30 часот почнува церемонијата на свеченото отворање и проекција на филмот „Јон Вардар против Галаксијата“, кој е во официјалната селекција за награда на Фестивалот.
Годинашен добитник на наградата за особен придонес во светската филмска уметност е австрискиот режисер Улрих Зајдл, кој ќе присуствува на свеченоста и ќе ја прими наградата.
Во текот на следните фестивалски денови програмата која изобилува со неверојатни, субверзивни и дефинитивно непознати филмски приказни за нашата јавност ќе може да се проследи во Киноверзум во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Кисела вода.
Покрај шесте филма во главната програма каде ќе има филмови од: Израел, Хрватска, Грција, Иран, Црна Гора и Македонија, за првпат во нашата земја ќе се претстави и финската кинематографија, а ќе можете да се внурнете и во творештвото на нашиот лауреат преку филмовите од неговата филмска трилогија „Рај“.
– Со нас денеска е еден од најинтересните филмски автори, сценарист, режисер и продуцент, Улрих Зајдл од Австрија. Режисерот кој уште пред да го побуди вниманието во 2001 година со „Тегобни денови“, го побуди вниманието и пред тоа на многу филмски фестивали со своите необично креативни документарци кои до коска ги соголуваат неговите протагонисти и проговоруваат за тривијалноста и хипокризијата на западното општество, начинот на кој тоа општество ги гради своите стереотипи и како ни ги наметнува. Добитник е на многу награди, но истата година кога ја добива наградата на жирито во Венеција, во 2001 година, ФИПРЕСЦИ во Братислава го наградува со награда за филмот „Dog Days“ – рече Гена Теодосиевска, уметнички директор на МФФ „Киненова“, на вчерашната прес-конференција.
Зајдл проговори за тоа како наместо свештеник станал режисер, и им порача на младите режисери најпрво да ја запознаат околината, па потоа да се определат за оваа професија.
– Јас бев набљудувач и така научив за општеството и за меѓучовечките односи. Се прашував : Што е човекот сам по себе? И затоа почнав прво со документарните филмови. Заблуда е да се мисли дека документарниот филм дава објективен приказ и дека ја претставува стварноста каква што е – рече Зајдл.
По природа вели дека е љубопитен човек и многу се радува што е во Македонија.
– Почестен сум што добивам награда за животно дело, но верувам дека моето животно дело сѐ уште не е завршено. Драго ми е што во деновите што се пред мене ќе имам можност да се запознаам со многу нови нешта овде – рече Зајдл.
„Киненова“ освен тоа што продолжува да кани европски филмски режисери продолжува да ја одржува нишката на поддршка на македонската кинематографија. Во таа насока и проекцијата на првиот анимиран долгометражен филм „Јон Вардар против Галаксијата“, кој вечерва во 20 часот го отвора Фестивалот во МКЦ.
– Ова е македонска премиера на која и претходеше светска премиера. И овој филм како секое уметничко дело се раѓа низ борба. Главен елемент во филмот е хуморот, кој потсетува на „Автостоперскиот водич низ Галаксијата“ и иако се случува во Универзумот сепак се случува овде – истакна Игор Анѓелков, селектор на главната програма на Фестивалот.
Покрај тоа што филмот е прв македонски долгометражен анимиран филм тој е и најголемиот копродукциски проект во регионов.
– Успеавме да собереме огромна екипа од преку 150 луѓе од 5-6 држави и сега почнуваме и со фестивалска и кино-дистрибуција на филмот. Драго ми е што филмот е завршен по 10 години работа и покрај предизвиците од ковид пандемијата, па и административни препреки, но сега е овде и публиката може да ужива во него. Сега чувствувам дека направивме нешто што е важно за нашата земја. Хуморот е специфичен и се плашев како ќе биде прифатен хуморот, но засега одлично поминува. Но, исто така важен дел од филмот е темата за толеранцијата и антивоена порака, која покрај хуморот доминира во филмот – рече Цветановски.