Со изложба на познатиот македонски ликовен уметник Стефан Хаџи-Николов од Скопје која ќе биде отворена утревечер во 20 часот во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ свечено ќе биде отворена Меѓународната ликовна колонија „Михајлово 2022“.
Несомнено оваа ликовна колонија со своето 26-то по ред издание низ годините претставува многу значаен сегмент од културното живеење на Кавадарци затоа што успеа да ги привлече да бидат нејзини учесници најеминентните имиња од современата македоснка ликовна сцена но и пошуроко од регионот. Така ќе биде и годинава бидејќи е најавено учество на вкупно 28 ликовни уметници од Македонија, Словенија, Србија, Турција, Црна Гора, Германија, Русија и Косово.
Од Словенија доаѓа сликарот и графичар Диме Теков еден од основачите на ликовната колонија, потоа од Србија, Небојша Ѓурановиќ, Јелена Враговиќ, Невена Никодиновиќ Томиќ и Никола Буки Булатовиќ, од Црна Гора доаѓаат уметниците Наташа Петејчуќ и Мина Чвориќ, од соседна Грција Ифигенија Васдари и Анастасија Михаилиду, од Турција Алејбеј Кароглу, Кевстер Картал и Вахит Акан, од Русија Светлана Степанова, од Германија Габриеле Шафартзик и Етем Бајмак од Косово.
Најбројни се уметниците од Македонија, вкупно 13, а голем дел меѓу нив се редовни учесници на колонијата како што се Новица Трајковски, Драги Хаџи-Николов, Тони Чатлески, Решат Амети, Ванчо Кеков, Лазар Дојчинов, Трајче Јованов а годинава учествуваат и уметниците Илија Спасов Чендо, Александар Поповски и Димитар Димитров додека улогата на куратор на колонијата ја има ликовниот уметник од Кавадарци Владимир Темков.
Организатор на колонијата е домот на културата „Иван Мазов Климе“ а финансиски е подржана од министерството за култура и општина Кавадарци. Оваа година уметниците од 20 до 25 август ќе создаваат уметнички дела во прекрасниот амбиент на вилата „Рума“ во селото Дабниште во непосредна близина на Кавадарци.
Што се однесува до ликовното творештво на Стефан Хаџи-Николов тоа е добро познато на кавадаречките љубители на уметноста преку претходните две изложби кои во 2006 и во 2017 година беа отворени во музеј-галеријата во Кавадарци. Хаџи-Николов зад себе има реализирано голем број на самостојни ликовни изложби и тоа во сите поголеми градови во Македонија но и во регионот како што се: Љубљана, Белград, Нови Сад, Софија, Солун, Истанбул, Анкара и во многу градови во соседна Бугарија, како и во Париз и Лондон . Исто така учествувал на повеќе од 200 групни изложби во Македонија и надвор од неа како и на повеќе меѓународни ликовни колонии. Од 2002 до 2006 учествувал на Саемот на уметност „Импресија“ во Пловдив – Бугарија. Добитник е на дваесетина значајни награди и признани за неговите прекрасни дела во Македонија но и во регионот. Ми.М.