Со добитникот на Златната палма на Канскиот фестивал „Тоа беше само несреќа“ во режија на Џафар Панахи и биографискиот документарец „Човек лавина“ за Драгољуб Ѓуриќиќ, првиот тапанар на Леб и сол, во режија на Слободанка Радун, вечерва се отвара 24. издание на „Синедејс“ (CINEDAYS) Фестивал на европски филм.
– Многу вешто го создадовме ова издание на фестивалот, кое ќе нé однесе на платно пред врвот на европската кинематографија, пред најновите и наградувани филмови со кои Скопје ќе дише следниве денови. Возбудени сме затоа што отвораме со два феноменални филма, кои го најавуваат програмскиот ракурс на фестивалот“ – вели Маргарита Арсова програмски координатор на „Синедејс“.
Киното Фросина е резервирано за филмскиот мајстор Џафар Панахи, кој со „Тоа беше само несреќа“ создава длабоко човечки морален трилер, каде што високата напнатост се испреплетува со ненадејни напливи на хумор и содржајни, напати болни, прашања за прогонство и одмазда. Феноменален филм, снимен тајно, кој ги одразува неговите искуства во затвор и неговите искуства со државната репресијa. Филмот е избран како француски кандидат за наградата Оскар во 2026 година во категоријата Најдобар меѓународен долгометражен филм.

А во салата 25 Мај ќе се прикаже филмот „Човек лавина“ на Слободанка Радун. Филм-портрет чие прикажување пред скопската публика носи особена возбуда, бидејќи тапанарот Ѓуриќиќ, дел од својот живот го дава токму на оваа музика и народ.
-Скопје е важен град во животот на Драгољуб Џуричиќ и затоа и се радувам на македонската, скопската публика. Со филмот сакав да ја прикажам комплексната слика за Драгољуб Џуричиќ, музичар со необична кариера од една страна и човек со негов систем на вредности, карактер и енергија. Се трудев да избегнам негова митологизација и да го насочам филмот кон емоции, а не патетика. На таа линија беа и сите соговорници со кој Драгољуб соработувал како Здравко Чолиќ, Влатко Стефановски, Рамбо Амадеус, Дејан Цукиќ, Лав Братуша, Никола Чутурило и многу други – вели Радун.





































