Снимањето филмови и пишувањето може да се сметаат за екстремен спорт

Даг Јохан Хагеруд, лауреат на МФФ Киненова

Добитникот на годинашната „златна мечка“ од Берлин за најдобар филм, норвешкиот писател, сценарист и режисер Даг Јохан Хагеруд, е добитник на специјалната награда за особен придонес во филмската уметност на десеттото издание на МФФ Киненова.
Неговиот прв дебитантски филм „Јас припаѓам“ привлече големо внимание од филмската критика – филмот беше еден вид освежување поврзано со клучни теми од нашиот секојдневен живот.

Во своите филмови тој често се справува со најинтимните емоции што луѓето ги доживуваат во својот живот – секс, љубов, соништа, страст, понижување, презир, страв, срам, непријатност, но исто така и голема желба да се сака, да се биде сакан, голема желба и храброст да се направи првиот чекор во „длабоката вода“ на непознатото и понекогаш многу опасно. Тој вели дека понекогаш ги пишува сценаријата од сопствено искуство, но сака да го набљудува и однесувањето на луѓето.
– Сакам да набљудувам, тоа ми помага да ја задржам мојата разумност и веројатно ја зајакнува мојата способност за емпатија. Мислам дека снимањето филмови и пишувањето може да се сметаат за екстремен спорт на покажување емпатија. Мора да се грижите и да го разбирате секој лик што го создавате. (Инаку, стануваат клишеа.) И за да го направите тоа, веројатно мора да вложите малку од себе во нив, како поинаку би можеле да ги разберете? Значи, да, сите тие сум јас, на еден или друг начин – вели Даг Јохан Хагеруд.