Во пресрет на 59-то издание на фестивалот

Се подготвува новото издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ што по 59-ти пат ќе се одржи од 6 до 13 јуни 2025 година. Од фестивалот велат дека се мотивирани следниот фестивал да го направат уште подобар во однос на претходниот.
– „Смеј се и осмели се“ е мотото под кое ќе се одржува фестивалот и е своевидна реакција, коментар, состојба што треба да покаже на која страна се движи македонскиот современ театар. Идејата тргна од потребата да се дефинира што е „посилната“ страна на македонскиот театар и да се охрабрат и театарот и публиката да бараат повеќе. Мотото „Смеј се и осмели се!“ упатува на секој театарски уметник што се обидува од своја перспектива да се охрабри да го гледа театарот низ двете навидум дијаметрално различни позиции: забавата/комедијата и ставот/трагедијата/ангажираноста – вели Ана Стојаноска, уметничка директорка на МТФ „Војдан Чернодрински“.
Стојаноска додава дека да се создава театар значи да се има став за одредена позиција, да се има сопствено мислење, независно дали естетскиот концепт е забавен или едукативен/ангажиран.
– Новото издание на фестивалот треба да ја даде сликата на театарот со став и разговори за театарот со став. Идејата на 59. фестивал е да се даде преглед во рамките на програмата „Враќање дома“ и идејата за Прилеп град театар, на она што ќе биде директно учество на театарски уметници со став. За таа цел се направени неколку промени од досегашните два фестивала. Наместо досегашните едукативни работилници, кои сметаме дека направија огромна промена во третирањето на театарската едукација во Прилеп и инспирираа отворање нови едукативни центри, ќе се свртиме кон откривањето на театарот со став и развивање програми што ќе придонесат за уште подобри и поуспешни изданија на фестивалот. Се разбира дека ќе бидат застапени сите целни групи, а наскоро ќе го објавиме и комплетниот концепт на фестивалот преку стандардната видеопрограма – додава Стојаноска.
Срп и перо има на плакатот за фестивалот. Авторка е Ема Велковска.
– Српот и перото се симбол за борба, обнова, креативност, ќеф и слобода – поими што го опишуваат театарот каков што треба да биде. Алатот срп е традиционално поврзан со трудот и ритуалот на жетвата, кој претставува подготовка за нов циклус, а овој ритуал е вешто запишан во „Македонска крвава свадба“ на Војдан Чернодрински. Српот нè потсетува дека театарот е глас за обнова и моќен исчекор кон промена. Од друга страна, перото влева леснотија и радост. Симболизира креативност, слобода и скокотливост – гест што предизвикува смеа. Перото го означува слободата на изразување и можноста за откривање нови уметнички патеки, а неговата структура што вришти од леснотија нè поттикнува да погледнеме на животот со доза хумор и да се впуштиме во творечки елан.
Спојот од овие две алатки го рефлектира духот на фестивалот како доживување што нè повикува на преобразба, храброст, забава и радост – вели Велковска. Ка.М.