Словенечката писателка, драматург и драмска авторка Симона Хамер е последната гостинка што престојува во Скопје на циклусот книжевни резиденции за 2025 година организиран од издавачката куќа „Готен“, поддржан од европската мрежа за преводи и книги „Традуки“. Нејзиниот прв роман „Цимери“ штотуку беше објавен во август 2025 година од „Цанкарјева заложба“. Така, книжевната резиденција дојде во вистинскиот момент за нејзиното почнување на својот нов текст.
– Мојот месец во Скопје е уметнички многу продуктивен и културно инспиративен. Моментално работам на драмски текст за група аматери орнитолози, кои се борат против корпорации, инвестициски фондови и политичари за парче земја, кое исто така е дом на загрозена птица. Запознавањето со ситуацијата во врска со зачувувањето на природата, урбанистичкото планирање и заштитата на дивиот свет во Македонија (особено во Скопје) беше многу мотивирачко за мене и имаше големо влијание врз приказната и општиот тон на претставата. Бидејќи сакав да истражам креативни опции меѓу комедија и апсурд, уживав гледајќи ги претставите во Театар Комедија (особено „Аматери“ и „Тарзан“, бидејќи обете претстави се занимаваат и со актуелни социјални и еколошки прашања) – вели Симона Хамер за своите цели од престојот.
За време на престојот во Скопје, Симона Хамер ги продлабочи контактите со своите колеги од театарската и книжевната сцена. Таа се сретна со македонски издавачи, со професори од Факултетот за драмски уметности и со претставници на неколку театарски куќи како што се Драмскиот театар и Театар Комедија. Таа размени мислења за идни преводи со реномираните преведувачи Дарко Спасов, Иванка Апостолова Баскар и Винсент Вилчник, кои се залагаат за македонско-словенечка културна соработка.
– Исто така, присуствував на регионалниот театарски фестивал РУТА – одлична платформа за поврзување театарски професионалци од Балканскиот Регион и пошироко. Многу сум благодарна што можам да ја доживеам културната сцена на Скопjе; да научам повеќе за нејзините продукциски предизвици, теми од интерес и актуелни прашања, да го проширам мојот литературен и театарски хоризонт и да воспоставам меѓусебна потреба за поврзување и културна размена – истакнува Хамер за резултатите од нејзиниот престој во Скопjе.
Симона Хамер (1984) е наградувана писателка, драматург и драмска авторка од Љубљана (Словенија). Хамер студирала драматургија и сценски уметности на Академијата за театар, радио, филм и телевизија (Универзитет во Љубљана) и е добитничка на наградата на Универзитетот „Прешерн“ за нејзините академски достигнувања.
Како драматург и авторка, таа е кокреаторка на повеќе од четириесет театарски претстави и радиодрами, освојувајќи неколку награди на театарски фестивали во Словенија и во странство. За нејзината драматуршка работа е наградена со Национална награда за најдобра претстава (Разгледници или Стравот е шуплив однатре и празен однадвор, 2017), најдобро либрето (Цимери, 2019) и номинирана за најдобра претстава (Сè е во ред, 2020). Нејзините драми, адаптации и драматизации беа поставени во СНТ Драма – Љубљана, СНТ Нова Горица, Куклениот театар – Љубљана, Градскиот театар – Љубљана, Младинскиот театар, Прешерновиот театар – Крањ и на Словенечкото национално радио. Нејзините драми (со теориски студии) беа објавени во книги (Драмобер 2008, Драмобер 2009, Чинот, Трето читање, 2011), книжевни и научни списанија, и се преведени на англиски, германски, српски и на хрватски јазик. Нејзините драми веќе беа претставени во Германија, Австрија Чешка, Србија, САД, Хрватска и во Италија.
Хамер е основачка на словенечката иницијатива за современа драматургија „ПреГлеј“ и членка е на одборот на Одделот за драма (дел од Словенечкото здружение на драмски уметници). Како менторка за креативно пишување и драматургија, таа водела голем број работилници и курсеви и дизајнирала платформа за млади писатели во СНТ Драма – Љубљана (2018-2021).
Хамер, исто така, пишува и објавува кратки раскази.


































