Во МСУ отворена изложба со 52 дела на истакнатиот уметник
Сликарскиот опус на Петар Лубарда, најзначајниот уметник и еден од најистакнатите сликари на територијата на поранешна Југославија од втората половина на 20 век, е претставен на изложбата што вечерва беше отворена во Музејот на современата уметност – Скопје.
Во годината кога се одбележуваат 60 години од скопскиот земјотрес, пошироката јавност, по подолго време, има можност да ги види сите дела на Лубарда од колекцијата на МСУ-Скопје, заедно со архивски материјали што се однесуваат на неговите изложби и донации. На вечерашното отворање присуствуваа политичари, дипломати, уметници и други личности од јавниот живот.
Во октомври 1963 година, Петар Лубарда ги подарил сите 26 дела од својата изложба во Ниш, подоцна изложени и во Скопје, со што тој станал не само еден од првите туку и меѓу најголемите дарители на МСУ-Скопје. Музејот во својата колекција има вкупно 52 дела, помеѓу кои 40 слики во техника масло на платно и лесонит, два акварела и десет цртежи, кои опфаќаат две и пол децении од кариерата на уметникот (1942-1966).
Во време на кризи, катастрофи и воени судири, кои го обременуваат современиот свет, важно е потсетувањето на концептот за солидарност на кој се темели МСУ-Скопје и меѓународната соработка, кои се основа за унапредување на општествената сфера и справување со заедничките предизвици.
Петар Лубарда (1907-1974) во меѓувоениот период студирал сликарство во Белград и Париз, а од 1932 година до неговата смрт во 1974 година живеел во Белград. Неговиот особено експресивен фигуративен стил, кој се граничи со асоцијативна апстракција, му донесе широко меѓународно признание, вклучувајќи и една од трите меѓународни откупни награди за сликарство на Биеналето во Сао Паоло во 1953 година.
Изложбата е заедничка соработка на министерствата за култура на Црна Гора и на Македонија, Амбасадата на Црна Гора и Музејот на современата уметност – Скопје, под покровителство на претседателот Стево Пендаровски. Куратори се Благоја Варошанец и Владимир Јанчевски. Соработници на проектот се конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска. Изложбата ќе биде отворена до 31 март.