Министерот за култура и туризам Зоран Љутков и амбасадорката на САД, Анџела Агелер, ги посетија обновениот Споменик на слободата во Кочани и скопскиот акведукт, споменик на културата од особено значење и значаен белег на градот Скопје. Со тоа и официјално беа одбележани финализацијата на еден и започнувањето на друг проект со средства обезбедени од Амбасадорскиот фонд за културно наследство на САД.

Министерот Љутков, за време на посетата на акведуктот, изрази благодарност до Амбасадата на САД за поддршката во делот на зачувување на културното наследство, додавајќи дека од 2001 година, па досега од Амбасадорскиот фонд за културно наследство на САД, за зачувување, конзервација и реставрација на нашето културно наследство, се доделени околу два милиона долари. Тој изрази уверување и дека со заедничка соработка и партнерство со Амбасадата на САД ќе се врати сјајот и на ова значајно културно наследство. Амбасадорката Агелер, пак, фасцинирана од грандиозноста и убавината на акведуктот, порача дека е особено важно тој да биде ставен во функција на туризмот.

Претходно Љутков и Агелер го посетија обновениот Споменик на слободата во Кочани, проект што, исто така, се реализираше преку Aмбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство, за што беше обезбеден грант од 254 илјади долари.
– Конзервацијата и реставрацијата на „Споменикот на слободата“ – уметничко и архитектонско дело на авторите Глигор Чемерски и Радован Раѓеновиќ, е резултат на заедничките напори на нашата земја и нашите големи стратегиски, политички, економски и културни поддржувачи – САД. Благодарение на нивната поддршка, преку грантот од Амбасадорскиот фонд за културна заштита продолжуваме со нашите заложби за обезбедување долговечност на овој навистина репрезентативен споменик од поновата историја на нашата земја – рече министерот Љутков.
Амбасадорката Агелер, пак, подвлече дека е задоволство да се даде поддршка за реставрација на спомениците што се дел од културното наследство на државата. Носител на грантот е Општина Кочани, а стручниот надзор го изврши надлежната установа Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Штип. Со реализацијата на проектите, културното наследство ќе се стави во функцијата на туризмот.