Инспирација за создавање нов камерен оркестар беше мојата љубов кон камерната музика, која ја носев од средношколските денови, а подоцна и за време на студирањето, споделува Васил Атанасов
Камерниот оркестар „Скопски солисти“ одбележува јубилеј од 25 години со концерт, утре во 20 часот, во Филхармонијата. Оркестарот е формиран од група афирмирани и признаени македонски уметници, на кои им се придружија група млади, но мошне талентирани музичари. Интенцијата на овој ансамбл е да презентира камерна музика, од барок до современа музичка литература, со истакнато чувство и респект кон македонското музичко творештво.
Каква беше почетната визија на оркестарот кога беше формиран во 2000 година и како се менуваше неговиот развој низ годините?
Деновиве го прославуваме јубилејот 25 години камерен оркестар „Скопски солисти“, уметничка дејност. Тоа беше многу одамна, но од сегашна гледна точка како да беше вчера, времето брзо поминува. Таа далечна 2000 година јас и неколку мои колеги во недостиг од камерни ансамбли, по згаснувањето на сите ансамбли во Македонската радио-телевизија, ја реализиравме идејата да направиме еден камерен оркестар, како „Загребачки“ и „Софиски солисти“, за да биде уметнички ансамбл на градот Скопје и пошироко. Така го формиравме оркестарот со спој на квалитет, искуство и младост. Создадовме една екипа од квалитетни и искусни музичари и една група млади талентирани уметници што сака да музицираат и да се докажат. И се разбира не беше лесно и едноставно, бидејќи почнувавме од почеток и требаше да се обезбедат услови за работа, нотни материјали и партитури, контакти со диригенти и солисти, да се оформи програма итн. Во почетокот работевме самостојно, на некои настани од културата, но со усвирување на програмата и делата, а потоа почнавме соработка со нашите познати македонски диригенти и солисти.
Што беше инспирација за Васил Атанасов да го основа оркестарот „Скопски солисти“ и каква е неговата улога во уметничкото водство на ансамблот?
Инспирација за создавање нов камерен оркестар беше мојата љубов кон камерната музика, која ја носев од средношколските денови, а подоцна и за време на студирањето. Самото вработување во Македонската филхармонија како нејзин стипендист на местото прв обоист солист и поканата од тогашниот Скопски дувачки квинтет да станам нивен член ми даваа потстрек да одам понатаму. Наедно бев чест соработник на Камерниот оркестар на МРТВ и другите нивни ансамбли, тоа чувство беше многу силно и инспиративно да направам нешто повеќе, што ќе внесе нешто ново во музичкиот свет. И така бидна, полека ги градевме репертоарот и квалитетот на изведбите. Изведувајќи дела од светската ризница од стара музика – од барок до современа музика вклучително изведувајќи и македонски автори.
Како се одбираат делата за изведба и кои се најчестите жанрови и композитори што ги изведува оркестарот?
Програмската определба на камерниот оркестар „Скопски солисти“ е типично класична, со повремено внесување нови репертоарски дела. Програмите за камерен гудачки оркестар се класичарски и има избор на дела од сите епохи и нема многу простор за експериментирање. Програмата најчесто ја договаравме со диригентот што го води концертот. За среќа, ние имавме убава можност во два мандата да ни биде шеф-диригент познатиот бугарски диригент маестро Андреј Андреев, кој претходно беше шеф на симфонискиот оркестар Радио Софија, а потоа оркестарот го водеше сега покојниот маестро Саша Николовски-Ѓумар, со кои имавме одлична соработка во секој поглед. На програмите беа застапени различни циклични композиции од увертири, симфонии, кончерта гроса, концерти, серенади, вокално-инструментални дела, ораториуми, мотети и слично, како и дела со хорски ансамбли и солисти.
Како оркестарот „Скопски солисти“ ја промовира македонската музичка култура и што значи неговото присуство на домашната, но и на меѓународната сцена?
Ние во камерниот оркестар „Скопски солисти“ секогаш се трудиме програмата да биде интересна, издржана и атрактивна од една страна за публиката, а од друга страна да има можност при нашето музицирање да ги претставиме сите квалитети во изведбата на една композиција од стилско толкување, технички аспект и уметнички впечаток, звук, боја, нијанси како ансамбл, а на гостувањата во странство секогаш сме настапувале со наш диригент и солист и секогаш неодминливо со изведба на дело од македонски композитор, тоа се тие непишани правила.
На што особено сте горди што успеавте да го остварите изминативе 25 години?
Многу сме горди што во изминатите години во оркестарот членуваа и соработувавме со многу квалитетни млади уметници, кои прераснаа во одлични оркестарски музичари, некои од нив станаа и водачи на поединечни групи на оркестарот на филхармонијата и операта, други стана солисти, некои професори и педагози, секој успеа да добие шанса и да го најде својот пат, тоа за нас претставува најголемата радост. Минатата година имавме успешна соработка со италијанската асоцијација „Музика инсиеме“, која покани неколку наши млади уметници да свират во меѓународниот оркестар во Италија и реализираа неколку концерти, а подоцна на турнејата по Балканот со истиот оркестар настапија и во Скопје во Музејот на македонска борба, каде што публиката уживаше во нивните изведби.
Како оркестарот „Скопски солисти“ успева да остане релевантен на македонската музичка сцена во време кога конкуренцијата од други оркестри и ансамбли е сè поголема?
Пред сѐ, со убаво одбрана програма во однос на настанот што треба да се случи и, секако, добра подготовка на оркестарот со претходно навремено обезбедени нотни материјали. Нашата предност е тоа што ние се држиме децидно до класичната програма со многу малку експериментирање како некои нови ансамбли што се појавија во последните години, како предизвик од нашиот камерен оркестар и тоа е добро. Но бегањето од стандардите и пливањето во водите на филмска, забавна, народна и каква сѐ не музика оди во сосема погрешен правец и тука не може да зборуваме за уметност. А ни се случува тоа бидејќи не се почитуваат стандардите, правилата, во отсуство на професионална рецензија и критика, секој си импровизира на свој начин, а тоа не е добро, според мене.
Со какви предизвици се соочувате како уметнички раководител на оркестарот и кои се Вашите аспирации за периодот што следува…
Во уметноста предизвиците секогаш се неизбежни и инспирација за сите нас, без нив нема напредок, новости, соработка, шанса за младите, нови дела, истражувања и слично. Би сакал, ако е можно, конечно луѓето од политиката да сфатат дека уметноста е врв на културата и живеењето, лицето на еден народ и да посветат повеќе внимание на тоа со зголемување на буџетот за култура, со поголема поддршка на институциите од уметноста и културата, а можеби и што поскоро носење закон за спонзорство во културата, тоа ќе биде голема можност македонската култура да се развива и многу повеќе да се претстави надвор од земјава.